Насловна / Архитектура / Кога собата не е соба?

Кога собата не е соба?

Веројатно треба да имате бујна имагинација за да си го замислите следново сценарио. Сте дошле во нов непознат голем град, со сето возбудување и ентузијазам којшто следува, за да отпочнете со работа или студии. Со мал буџет, малку расположливо време за барање и голема желба да бидете флексибилни, се обидувате да најдете соба за изнајмување во куќа или стан, барем додека да се снајдете и го запознаете градот пред да се обидете подолготрајно да го решите вашето станбено прашање.

Ова вообичаено значи изнајмување соба за најмалку шест месеци, плаќање депозит во износ од најмалку една месечна кирија и солидна провизија, која се брои во стотици евра, за агентот за недвижности преку кој сте ја нашле оваа особена куќа со дури неколку слободни соби за изнајмување.koga sobata ne e soba

Доаѓате до куќата која однадвор изгледа во ред. Голема викторијанска куќа во низа, на која од надвор забележувате дека дури има и подрум, а меѓукатните висини се поголеми од оние на вообичаените новоградби, што е веројатно добар предзнак. Со претходно искуство на живеење надвор од метрополата, за само 1.200-1.300 евра месечна кирија, очекувате спартански наместена соба со релативно добри пропорции и натпросечна светла висина на просторијата. По запознавањето со сопственикот или агентот за недвижности и вообичаената размена на учтиви зборови, тој или таа гордо ви ги покажуваат сè уште слободните соби за да си изберете која најмногу ви одговара.

Изненадувањето е големо кога ќе забележите дека првата слободна соба која ви ја прикажуваат е мала и дека е со невообичаен кревет, високо поставен и конзолно прицврстен на ѕидот така што единствен начин да се пристапи до него е преку скала. Но, за да ѝ пристапите на скалата, првин треба да се качите врз фрижидерот па од таму да го отпочнете вашето качување. По малку насила се смешкате за да го прекриете вашето разочарување, но со нетрпение очекувате да ја видите следната соба.koga sobata ne e soba (4)

Сопственикот ви објаснува дека следната соба е нешто поголема, но дека треба да внимавате за да не си ја удрите главата бидејќи висината на влезната врата е помала од вообичаената. Подготвени да ја наведнете главата за да влезете во собата, вашето изненадување е комплетно кога ќе видите дека тоа не е доволно, туку дека ќе треба да се спуштите на сите четири екстримитети за да излазите до собата низ вратата со светла висина од само 70 сантиметри. Веројатно досега вашата насмевка станала гримаса, но се обидувате храбро да се држите во исчекување да ја видите последната слободна соба.

 

Ви објаснуваат дека последната слободна соба се наоѓа на најгорниот кат на објектот и дека има двојна височина. Откога сте се искачиле на најгорниот кат, забележувате дека вашиот водич ве води кон две врати со нормална висина. Со големо олеснување, кое резултира во вистинска насмевка, се приближувате кон нив со сигурност во вашиот чекор и знаење дека „нема веќе лазење“! Како се приближувате кон вратите, вашиот водич ви појаснува која од вратите води кон килерот, а која кон последната слободна соба.

При влегувањето забележувате дека во малата соба има внатрешни скали кои водат кон платформата за спиење, и кои уште повеќе ја намалуваат веќе малата корисна површина на собата. Благодарејќи на вашата добра просторна ориентација, сфаќате дека платформата за спиење се наоѓа на „кровот“ од килерот и дека коментарот за двојната висина на просторијата се однесува на тоа, дека собата делумно влегува и во поткровјето од кое е искористен и делот над соседниот килер за да се оформи платформата за спиење. Откако сте ги искачиле скалите, забележувате дека повторно доаѓа времето за лазење бидејќи светлата висина во зоната на платформата во најголемиот дел е помала од 152 сантиметри.

koga sobata ne e soba (5)

Останува на вас да се одлучите дали постоењето на душек со кралски димензии од 150 х 200 сантиметри со мал дополнителен простор за складирање на вашите работи зад перниците, и присуството на кровен прозорец кој обезбедува природно осветлување на платформата за спиење, нудат доволна компензација за големината на собата и особено за потребата постојано да се лази кон и од креветот.

Се разбира, дејствието опишано во погорниот текст е базирано на измислена случка, но со примеси на реалност во однос на описот на собите што постојат во различни објекти низ Обединетото Кралство, но не и во еден ист објект. Оттука, тие претставуваат обид да се укаже на некои појави во британскиот пазар за изнајмување на индивидулани соби во рамките на еден стан или куќа, т.е. таканаречените куќи со повеќе корисници (Houses in Multiple Occupation – HMO).  Станува збор за примери кои особено потекнуваат од британските метрополи, како Лондон и Манчестер, каде сопствениците на куќи и станови се обидуваат да ги поделат нив во колку што е можно повеќе соби, за да можат да ги зголемат своите приходи од кирија со нивно изнајмување.

Токму затоа во огласите за изнајмување на соби сè почесто се јавуваат реклами за „полугарсониери“ и „мезанински простори за спиење“, кои стануваат дел од англискиот јазик во доменот на недвижности. Оттука, веројатно, е потребно потенцијалните клиенти добро да се запознаат со оваа „стручна“ терминологија за да се поштедат себеси од поголеми разочарувања кога ќе се сретнат со реалноста при посетата на овие вешто рекламирани соби за изнајмување.tiny-apts-queen-bed

Се разбира, во земјата постои Закон за домување од 1985 година (Housing Act 1985) во кој јасно е наведено дека минималната површина на соба за едно лице треба да биде најмалку 6,5 квадратни метри. Работите многу се искомплицирале кога Советот на градот Манчестер поднел тужба против сопственикот на соба (делумно опишана во последниот пример) за кршење на законот, со оглед на тоа што собата била со помала површина од пропишаната.

Иако основниот суд донел одлука во полза на Советот, сопственикот поднел жалба до повисокиот суд којшто ја поништил пресудата на основниот суд и пресудил во полза на сопственикот. Со пресудата се воспоставил правниот преседан дека секој случај на наводно кршење на Законот за домување по однос на големината на собата треба да се гледа поединечно, а не општините автоматски да сметаат дека дошло до кршење на законот во сите случаи кога површината на дадената собата е помала од пропишаната.

Со цел да се разјасни состојбата и да се спречат идните обжалувања на сопствениците на соби за изадвање, Министерството за заедници и локална власт (Department for Communities and Local Government) објавило нов предлог-документ за разгледување, според кој се предлага да се воведе национален стандард за минимална површина на соба за изнајмување од 6,5 м2 со можност општините на локално ниво да побараат и поголема минимална површина за собите што ќе се изнајмуваат на нивната територија.  Доколку овој предлог-документ за разгледување се преточи во закон, тогаш собите во куќите за повеќе корисници ќе треба да имаат минимална површина од 6,5 м2, во спротивно сопственикот на имотот би одговарал кривично за непочитување на законот.koga sobata ne e soba (2)

Се разбира, очекувањата се дека евентуално усвојување на еден ваков закон би довело до намалување на појавата на ситнење на постоечките куќи и станови, со цел во нив да се оформат колку е можно повеќе помали соби за да се зголеми приходот од кирија за нивните сопственици. Поучени од претходните искуства од примените на слични закони во земјата, за можните ефекти од донесувањето и примената на национален стандард за минимална површина на собите во куќи со повеќе корисници, треба да се гледа со доза на умерен оптипимизам, со оглед на тоа што во текот на процесот на консултација предложените стандарди можат да бидат ублажени, со што може да се намали можноста за нивна ефикасна примена во иднина.

Во минатото секогаш постоеле отпори, особено кај градежните компании коишто работат станови за пазар, законски да се регулира минималната големина на станбените единици и на просториите во нив. Оттука во минатото примената на прописи од оваа природа била ограничена на станбената изградба во рамките на јавниот сектор или пак кога таа била финансиски поткрепена од јавните фондови, додека за пазарната станбена изградба овие прописи се применувале на доброволна основа.

Последново, веројатно е и една од причините зошто станбените единици во Англија со просечна површина од 76 м2 се сметаат за најмалите во Европа, при што особено се нагласува дека оние во Англија се помали дури и од просечната површина на станбените единици од 115 м2 во Холандија, а која е дури погусто населена од Англија.

Британските политичари од секогаш се стремеле да не го оптоваруваат приватниот сектор со регулатива за да не се нарушуваат пазарните принципи и претприемништвото коишто се двигателите на економијата. Сепак, воспоставувањето на некои национални стандарди за минималната површина на собите во куќите со повеќе корисници, би можело да се смета како позитивен исчекор во насока на заштитата на правата на потрошувачите.

 

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top