Овогодишниот Саем за автомобили во Франкфурт, помина во знакот на доминацијата на електрични и хибридни автомобили, а заедничко за сите нив е што се значително поскапи од соодветните модели со мотори со внатрешно согорување. Затоа, се почесто се поставува прашањето кога на европскиот пазар ќе се појави функционален нискобуџетен автомобил на електрична енергија кој во основната верзија би чинел под 10.000 евра. Директорот на компанијата Renault, тврди дека тоа ќе се случи во наредните 5 години, и дека овој француски производител е во состојба тоа да го направи благодарение на долгогодишното искуство и развој во производството на електричните возила, како што е моделот Zoe. Меѓутоа, не е докрај јасно како електричните автомобили би се доближиле до поширок круг на потрошувачи, со оглед дека Volkswagen, кој исто така планира да започне со масовно производство на електрични автомобили, својот прв исклучиво електричен модел (VW ID.3) го цени околу 30.000 евра, односно три пати повеќе од проектираната цена на идниот нискобуџетен модел на Renault. Од друга страна, достапен модел на електрично Renault веќе постои – но во Кина, каде француската компанија го лансираше моделот Renault City K-ZE по цена од 7.900 евра. Во прашање е електрична верзија на ефтиниот модел Kwid, кој се продава на големите пазари во развој, како Индија. Renault City K-ZE започна да се продава во Кина во текот на овој месец, а најефтината верзија чини околу 7.900 евра. Се проценува дека доколку Renault би сакал да го понуди овој автомобил во Европа, тој би чинел околу 10.000 евра (во најефтината варијанта). Инаку, Renault City K-ZE е поставен на CMF-A механичка платформа и има литиум – јонска батерија со капацитет од 26,8 kWh. За погонот се грижи електромотор кој испорачува 44 hp и 125 Nm. Производителот наведува дека City K-ZE е во состојба да мине до 270 km.