Насловна / Вести / Кога балоните го параа небото на Кападокија

Кога балоните го параа небото на Кападокија

Патувањето никогаш нема крај. Само патниците доаѓаат до крајот, но потоа го продолжуваат патувањето во своите сеќавања, во помнењето на она каде биле, во раскажувањето на своите блиски за она што го виделе таму. Крајот на едно патување е само почеток на некое друго. Треба да се види она што не е видено, да се види можеби повторно она што не е видено првиот пат, да се оди напролет онаму каде што сте биле во лето или во зима, да се проведе ноќта онаму каде што сте го поминале денот, да се види сенката која не била таму минатиот пат… Потребно е да зачекориш по нов пат и да нацрташ нови сеќавања покрај старите.

G16_resize

И еве ме повторно на пат. Заминав за Кападокија. Во моето детство Кападокија беше дел од географска карта некаде во Турција. Потоа таа беше една црно-бела фотографија во еден странски часопис и, многу години желба за одење таму. Пред патување не правам големи планови, затоа што сметам дека со тоа би исчезнала авантурата на патувањето.  И не гледам често временска прогноза, потајно надевајќи се дека таму, каде и да одам, секогаш ќе сјае сонце. Кога ми се јави една моја добра пријателка со прашање дали би сакал да одиме заедно за Кападокија, без размислување прифатив.

_DSC2599_resize

Ќе се обидам да ги опишам местата и луѓето што ги видов онака како што ги доживеав. Кападокија за мене беше, кога прв пат ја видов пред многу години, како да сум открил живот на некоја друга планета или во некој паралелен универзум, каде што животот веднаш го препознаваш, но сепак е многу поразличен од сè она што дотогаш си го видел. Не можам да ви опишам колку возбудливо беше сето тоа. Се наоѓа во срцето на Анадолија, во Турција. Кападокија, со својата убавина ги воодушевува патниците  илјадници години. Преполна е со необични форми на карпи, кули и врвови кои се стремат кон небото, а под земја, преполна е со величествени и енигматични подземни градови. За сегашниот изглед на Кападокија заслужни се изумрените вулкани во Анадолија, денес планините Hasan (3.253 н. в.), Melendiz (2963 нв) и Ercijes (3.916 н. в.). Лавата која овие вулкани ја исфрлиле во текот на милиони години, а потоа дејството на ветерот и дождот кои ја еродирале, придонеле до создавање формации по кои денес Кападокија е позната. Овие камени формации кои потсетуваат на пирамиди, печурки, животни, претставувале природни засолништа за луѓето уште од времето на каменото доба.

_DSC2423_resize

G9_resize

Познати и како вулкански оџаци, овие необични вулкански скулптури поседувале адекватни услови за живот во сите годишни времиња, па така зиме во нив е топло, а во лето пријатна ладовина. Карпите во Кападокија се релативно меки и добри за обработка, па уште од дамнешни времиња почнале да ги населуваат  луѓе кои ги обликувале со едноставни алати правејќи од нив куќи, места за живеење и за религиски обреди. И самата почва е плодна, така што регионот наскоро станал полн со многу човечки населби и градови издлабени во карпите. Во пештерите издлабени во карпите живееле Хетитите, Персијците, Римјаните, Византијците, подоцна Османлиите. Денес Турците  направиле  многу убави и модерни апартмани и хотели за туристи во овие пештери. Во срцето на Кападокија е сместен Göreme кој претставува центар на регионот и тоа е причина зошто се одлучивме баш за ова, а не за некое друго место за нашиот престој. Göreme е една голема и бескрајна природна сценографија, во неговите пештерски апартмани престојуваат многубројни туристи, по улиците се возат олдтајмери во разни бои, рано наутро по небото над него летаат безброј шарени балони.

11_resize

19_resize

Во пештерите за време на Римското Царство, христијаните тука нашле засолниште и затоа оваа регија е позната и како важен центар на раното христијанство. За ова сведочат многу пештерски цркви, капели и простории за живеење. Само во рамките на националниот парк Göreme постојат дванаесет цркви од вкупно 3.000 колку што ги има во целата Кападокија. Оваа област во 1985 година е ставена на листата на УНЕСКО за светско културно наследство. Името Кападокија е од персиско потекло и значи ,,земја на преубави коњи“, а јас би рекол и земја на вили и вилењаци. Коњите и денес може да ги видите насекаде, а се организираат и туристички обиколки јавајќи на коњи во околината. Кападокија е место каде што времето застанало и каде што магијата е присутна на секој чекор.

_DSC2465_resize

Веќе вториот ден рано наутро одиме да летаме со балон. Додека во рани зори одевме кон местото на полетување,  сè уште е темно и ладно, по улиците се движеа десетици бели комбиња носејќи ги туристите од многубројните хотели до балоните. Сè функционира беспрекорно. Стигнуваме некаде пред шест часот на местото од каде што ќе полетаме, влегуваме во корпата, ги слушаме упатствата и полетуваме. Во долината недалеку од Göreme имаше многу балони. Чувствував возбуда, надоаѓаше адреналин, но не чувствував страв.

_DSC2093_resize

Балоните се огромни, стигнавме кога ги полнеа со хелиум, светкаа во мракот како светулки од хелиумот кој гореше. Возбудени гледавме во мракот и студенилото како балоните полека се дигаат во воздухот. Има поголеми и помали корпи, а цената во зависност од големината на корпата е различна за возење, нешто повеќе од еден час. Во најголемите корпи има место за 28 луѓе. Со секој балон управуваат двајца пилоти, а секој балон го обезбедува екипа од околу петнаесетина луѓе, кои ги полнат плинските боци, ги местат балоните, се грижат за патниците и безбедноста. Летавме на височина од околу 400 метри, а околу нас летаа уште стотина балони. Се спуштавме над камените ували и формации, додека сонцето изгреваше, па повторно се издигнувавме до 300 метри над земја, летавме во сите правци, возбудливо и фантастично, едно од највозбудливите работи што сум ги доживеал. Пред крај на летот под нас ги видовме возилата со приколките кои цело време ги следат балоните. Нè дочекаа на местото на слетување. Слетавме право во приколката во која подоцна ќе го спакуваат балонот. Добивме сертификат за летање и бевме послужени со чаша шампањ, додека околу нас слетуваа другите балони.

11_resize

13_resize

26_resize

Премногу возбуди и премалку спиење. Веднаш после летањето заминавме на така наречената  Црвена тура, обиколка на знаменитостите што можеа да се видат во околината. Ги опфаќа атракциите во околината на националниот парк Гореме, ручек и посета на мануфактура позната по изработка на теракота и мермер. Знаевме дека е убаво, но не замислувавме дека е толку многу убаво, обземени од впечатоците на турата. Ги обиколивме и долината Пашабаг или Долина на монасите, Долината на гулабите, Зелве, Деврент, ги видовме црквите во рамките на музејот на отворено на Гореме, го посетивме Аванос, место познато по теракота која од дамнешни времиња се произведува тука и место низ кое поминува Црвената Река (Кизилирмак), која всушност е зелена, и е најдолга река во Турција. Застанавме во Долината на мечтите, позната по карпи со облик на животни. Една од најпознатите е онаа со облик на камила, но тука мечтите можете да ги пуштите слободно и да гледате форми какви што ќе посакате.

_DSC2156_resize

_DSC2169_resize

Четвртиот ден повторно станување рано и одење на таканаречената Зелена тура. Одиме во правец на величествената планина Хасан кон најголемиот кањон во Кападокија, во долината Ихлара. Од Гореме кањонот е оддалечен околу 90 километри и се наоѓа во близина на необичниот град Güzelyurt. Кањонот е долг околу 15 километри, низ него протекува реката Меленди која ги поврзува селата Ихлара и Селиме. Во кањонот се наоѓаат околу 105 цркви од кои 16 се отворени за посетители. По кратко одење низ кањонот од десната страна горе во карпите, по повеќе од стотина дрвени скали, се качувам до пештерите во кои се наоѓа црквата на свети  Ѓорѓи. Свети Ѓорѓи е роден во Кападокија.

_DSC2415_resize

_DSC2414_resize

Треба кондиција да се искачиш горе до црквата, но глетката оттаму е величествена. За жал прекрасните фрески се исчкртани и уништени од туристи кои доаѓале тука. Продолжив понатаму по реката низ кањонот. Стигнав до мали сплавови на вода кај што може да се пие чај, кафе  или сок. Денот беше прекрасен и на повеќето туристи ова им беше крај на шетањето низ кањонот. Јас сам продолжив  понатаму до манастирот Селиме, на крајот од долината Ихлара. Селиме е најголемиот религиозен објект во Кападокија.  Овој манастир-тврдина сочинет е од голема катедрала, неколку помали цркви, простории за спремање  храна и чување стока. За жал фреските кои потекнуваат од 10 и 11 век сега само се наѕираат. Селиме бил дом на многу цивилизации од Хетитите до Османлиите. Комплексот е настанат од лава и претставувал центар во кој монасите се школувале. Интересно е што околината околу манастирот била предложена за снимање на филмот „Војна на ѕвездите“, но турската влада тоа не го дозволила.

_DSC2339_resize

_DSC2354_resize

Во Кападокија постојат 36 подземни градови, некои велат и 200. Се упативме кон Кајмакли иако поминавме и низ Деринкују кој е најголемиот подземен град. И двата града се наоѓаат во близина на градот Невшехир. Инаку Невшехир и Кајсери се двата најголеми градови во Кападокија. Се претпоставува дека подземните градови настанале меѓу 7 и 8 век пред наша ера за време на античкиот народ Фригијци. Во нив подоцна се криеле византијските и останатите христијани бегајќи од своите непријатели. Во градовите можеле да се сместат и до 20 000 луѓе со својата стока, а Деринкују има осум подземни нивоа. Од 1969 година отворени се за посетители по кој низ ходници и тесни скали се доаѓа до мали кујни, соби, капели и цркви и останати простории. И во Црвената и во Зелената тура вклучени се посети на мануфактури за изработка на теписи, накит, кожа.

_DSC2611_resize

Следниот ден повторно стануваме рано. Со изнајмениот автомобил заминуваме до Љубовната долина. Тука доаѓаат млади парови и се сликаат пред свадба, а тука е и дрвото на кое младенците бесат мали ќупови со своите имиња со верба дека нивната љубов вечно ќе трае. Оттука рано наутро најубаво се гледа полетувањето на балоните и има многу туристи. Продолжуваме за Соленото Езеро или Tuz Gölu на турски. Едно од најплитките езера на светот, неговата просечна длабочина изнесува само 50 сантиметри.

5A_resize

Во лето езерото пресушува оставајќи слој од сол дебел 30 сантиметри, на површина од 1.600 км2. Напролет од алги на некои места бојата на водата е розова, а во својот јужен дел претставува едно од најголемите живеалишта на фламингоси на светот. Застанавме на ручек во Невшехир, потоа малку во Учхисар каде што се наоѓа истоимениот дворец и претставува највисоко место во Кападокија со надморска висина од 1.270 метри. На крајот од денот се вративме во Göreme. Уште една ноќ пред заминување. Ја искористивме за шетање. Göreme изгледа навечер уште повеличествено и помагично. Храната е извонредна, нема да погрешите во кој било ресторан или кафуле да седнете, а изборот е голем.

_DSC2425_resize

Пиевме турско кафе и чај, варено вино, водевме неврзани муабети за сè и сешто, опуштени и весели од ресторанот ги гледавме туристите кои шетаа по раскопаните улици на Гореме. Можеби и кај нив се спремаат избори?  Има туристи од сите вери и националности, се преплетуваат и надоврзуваат по уличките во непрекинато повторување без почеток и крај како во стара сказна од Блискиот Исток. По дуќаните се продава сè, внатре, пред нив, на улица, на тротоарите. На мојата пријателка ова многу ѝналикуваше на Банско во Бугарија, но така е со масовниот туризам. Сепак Кападокија не е налик на други места во светот. Таа наликува на место од соништата, уште повеќе на место исткаено од некаква поинаква стварност. Во такви виртуелни и реални временско-просторни координати поминавме една прекрасна недела. Немавме време за возење со олдтајмери, за јавање коњи, возење квад и велосипеди. Тоа го оставивме за следната посета. Ноќта станавме околу 3 часот. Време е за враќање. Одиме со комбе до Кајсери, оттаму со авион до Истанбул, па потоа за  Скопје. И на крај од патувањето, се сетив на една мисла на сер Роналд Блинс кој вели: „Обичните луѓе не ја разбираат потребата за патување, тие ги исцрпуваат своите сништа и енергија така што ѕидаат куќи и штедат пари, но патниците се единствени трагачи на овој свет, тие знаат дека животот и смртта се само патувања и затоа тие патуваат за време на животот, потоа патуваат во соништата, патуваат да не бидат на едно место после заминувањето од овој свет.“

Ние патувавме…! А низ главата, во мислите, сè уште ми летаат шарените балони од небото над Кападокија!

_DSC2347_resize

7A_resize

G12_resize

4A_resize

_DSC2200_resize

 

Испрати коментар

Scroll To Top