Скулпторскиот покрив на верски објект ја имитира формата на околните планини.
Британското архитектонско биро Steyn Studio го направи проектот за неодамна изведената капела Босјес, сместена во рамките на истоименото лозје во јужноафриканската област Western Cape. Во развојот на проектот, архитектите соработувале со локалната фирма TV3 Architects за поефикасно вклопување на духот на локалното население во објектот.
Конструкцијата во форма на параболичен хиперболоид изгледа елегантно и остава силен впечаток на гледачот, што е и целта на еден верски објект.
Над целосно стаклената фасада, што е невообичаено за верски објекти, се надвива тенка бетонска „лушпа“ со брановидна форма која го имитира планинското опкружување.
Капелата е благо подигната од околниот терен. Внатрешноста на капелата Босјес е постепено сведувана. На подот обложен со полиран терацо, поставени се дрвени клупи свртени кон златниот пулт за беседникот.