По успешно организираните стручна дискусија на тема „Регулирање на градењето во градски јадра прогласени за споменички целини“ во 2021 година и Првата Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти во 2022 година, Одделението на архитекти и Одделението на архитекти урбанисти оваа година ја организираат Втората Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти. Средбата ќе се одржи во Офицерскиот дом во Битола, на 1. декември (петок) и 2. декември (сабота), 2023 година.
Темата околу која ќе гравитираат презентациите и панел-дискусиите на Втората Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти е актуелна во контекстот во кој дејствуваме денес. Истата носи наслов „Архитектот де факто, визави Архитектот де јуре“.
На настанот покрај присуство на архитекти и архитекти урбанисти од целата држава, како и општествениот естаблишмент, своето присуство го потврдија и гости од регионот и Европа.
За таа цел, во деновите што претстојат ќе бидат објавени дел од говорниците и панелистите што ќе земат учество на настанот.