Одделението за архитектура при Комората на овластени архитекти и инженери на РМ (КОАИ) во септември 2017 г. формираше Работно тело – К1, со задача да работи на реформата на „Законот за градење“ и донесување на „Ценовник за надоместокот на инженерските услуги“. Работното тело преку службата на КОАИ до членството дистрибуираше Формулар за предлози за измени и дополнувања на законската регулатива. Сите пристигнати предлози беа внимателно разгледани и прифатените се вградени во „Нацрт законот за измена и дополна на законот за градење“. Паралено, Работното тело К1 изработи и предлог „Ценовник за надоместокот на инженерските услуги“, исто така во координација и соработка со членовите на КОАИ, со кој се пропишува минималната цена на надоместокот за извршените инженерски услуги.
На 07.12.2017 г. во просторите на КОАИ одржан е состанок на одделенијата за архитектура и урбанизам на кој Работното тело К1 го презентираше пред членовите на одделенијата “Нацрт законот за измена и доплна на законот за градење“ и „Ценовникот за надоместок на инженерски услуги“. По повеќечасовната исцрпна дискусија и дебата членовите на одделенијата ги усвоија предложениот Нацрт закон и Ценовник кои ќе бидат доставени до Управниот одбор на КОАИ, кој понатаму ќе ги проследи до останатите одделенија и институциите на државата.
Меѓу позначајните интервенции во Законот е воведувањето на нови ставови во чл. 19, со кои се предвидува проектантскиот надзор да биде задолжителен, додека во чл. 48-а, став(2) се предвидува измена со која идеен проект задолжителено се доставува при барање одбрение за градење. Понатаму, комплетно се брише чл. 59-ѕ каде меѓудругото се вели дека за надградба на објекти за индивидуално домување може да се издаде одобрение за градење и во случаите кога надградбата не е предвидена со урбанистички план, како и чл. 67-а со кој се даваше право на Советот на Општината, Советите на Општините во Градот Скопје, односно Советот на Град Скопје со Одлука да го утврдат изгледот на фасадите. Во чл. 104 се предвидува и воведување на овластувања за службени лица.
Со „Ценовникот за висината на надоместокот на инженерски услуги“ се пропишува минималната цена на услугите, методологијата на пресметките, кои се дадени табеларно поделени по категоријата на градбите. Со Ценовникот се предвидува и минимална нето плата на инженер во редовен работен однос со полно работно време.