Секој природен камен е уникатен
продукт со посебна текстура и боја
определени од илјадагодишните
геолошки процеси, а не од
модерните нестабилни хемиски бои.
Каменот се употребува
илјадници години и претставува
еден од најстарите материјали
и технологии за градење.
Трајноста
на таквите градби е ненадмилива.
Доказ за тоа се голем број објекти
кои и покрај долгиот период низ
кој поминале сè уште се наоѓаат во
првобитната состојба. (Stonehenge,
Via Egnatia… ). Во денешно време,
каменот што се употребува за
изградба може да биде природен
и вештачки. Вештачкиот камен
(имитација на камен ) е далеку
поевтин од природниот, но
сепак не може во целост да ја
одигра улогата на природниот
камен, поради што сè поретко
се употребува. Популарноста и
употребата на природниот камен
се должи на спротивностите што ги
обединува во себеси – прекрасната
убавина и постојаноста во времето,
поради стремежот на човекот кон
стабилност, затоа што природниот
камен од дамнина асоцира на
трајност. Секој поединечен
природен камен е уникатен
природен продукт со посебна
текстура и боја определени од
илјадагодишните геолошки процеси,
а не од модерните нестабилни
хемиски бои. Тој може да се
употребува идентично како што ќе се
најде во природата или обработен.
Според потеклото, природните
камења можат да бидат: магматски,
метаморфни и седиментни.
Магматските камења се
образуваат со ладење на магмата
од вулканите, и до ден-денес не
се хемиски променети. Според
местото на настанување може да
бидат длабински и површински.
Метаморфните камења се
образувани со метаморфоза на
другите (магмени и седиментни
карпи) под влијание на други
фактори (висок притисок,
висока температура или
двете влијанија заедно).
Седиментните камења настануваат
со распаѓање, растворање и
таложење на материјал од едно
на друго место. Тие настануваат
со седиментација на магмените и
метаморфните камења и од почвите.
Градини
Каменот има голема улога и при
подигнувањето на градините.
Во зависност од тоа каков тип
објект треба да се подигне во
градината, ќе зависи и изборот
на камењата, но сепак треба
да се внимава да се користат
ист тип камења за изградба на
еден објект. При употреба на
природни камења во градината
треба да се внимава истите да
бидат целосни и неоштетени, со
што во целост би ја претставиле
својата убавина идентично како
во природата. При поставување на
необработени камења собрани од
природата, треба да се внимава
тие да се поставуваат секогаш да
им се гледа лицето (со исклучок
на речните камења кои се еднакви
од сите страни), бидејќи секој
камен има лице и заднина. Лицето
на каменот секогаш е оној дел
што во текот на еволуцијата
бил изложен на надворешните
атмосферски влијанија.
Каменот со своето присуство
ја исполнува градината со сета
енергија која зрачи од него, и затоа
како елемент во градината бил
актуелен и модерен низ вековите.
На кој било начин тој се вклопува
во кој било стил при оформувањето на градината. Неговата функција
може да биде превентивно-
практична или конкретно естетска.
Тој понекогаш го привлекува
погледот како магнет, другпат
неговото присуство е ненаметливо,
но и покрај тоа сепак забележливо.
Каменот може да се користи за
подигање на камени градини во кои
ја зазема доминантната, фокусна
улога (пејсажни и геометриски
камени градини, Зен градини).
Исто така, каменот во градината
може да се користи за изградба
на најразлични објекти (алпинуми,
патеки, потпорни ѕидови, плоштатки
и сл.) или како декорација во
градината (за мулчирање, суви
патеки, пресушени корита и сл.).
Алпиниум претставува
комбинација од камења и
растителност на мал простор со што
би се доловил пејсажот од алпските
предели. Истите можат да бидат
изградени во комбинација со вода.
Патеки во градината – треба
да бидат усогласени со
функционалното зонирање во
градината. Треба да се поставуваат
таму каде што се најпотребни
и да обезбедуваат непречена
комуникација и фреквентност.
Неповрзани патеки се прават од
речен чакал, песок и дробеници.
Патеки од плочи (затревени патеки и
патеки од поврзани плочи) се прават
од плочи со неправилна форма.
Потпорни ѕидови – поради
конфигурацијата на земјиштето
каде што треба да се подигне
идната градина, треба да се
проектираат потпорни ѕидови
кои покрај техничката улога за
стабилизација на земјшитето
е потребно да задоволуваат
одредени естетски критериуми.
Потпорните ѕидови можат
да бидат сува ѕидарија, што
претставува изградба на ѕид без
да се користи врзивно средство
(цемент, вар и сл.). Вообичаено,
за сува ѕидарија се користат
плочести камења со различна
големина, но не треба да се со
премногу мали димензии бидејќи
ѕидот ќе биде нестабилен. Фугите
помеѓу плочите може да се
пополнат со плодна земја, при
што истиот може да биде збогатен
со најразлична растителност.
Потпорен ѕид од камен поврзан со
врзивно средство (цемент, вар и сл.)
– во овој тип ѕидарија, покрај тоа
што се користи врзивно средство,
може да се користат камења со
најразличен облик и големина.
Фугите се пополнуваат со врзивното
средство. Вака изградениот ѕид,
покрај подобрените технички
карактеристики, има многу
ефектна естетска визуелизација
во комбинација со другите
елементи од градината.
Бетонски потпорен ѕид обложен
со камен (буње) – овој тип на
потпорен ѕид во последно
време е многу често користен
поради точните технички
пресметки за стабилноста на
проектираниот потпорен ѕид и
едноставноста при вградувањето
на буњето на бетонскиот ѕид.
Филип Филипоски,
дипл.шум.инж.