Насловна / Ентериери / Книга + Маса + Простор = Канцеларија

Книга + Маса + Простор = Канцеларија

Конфигурацијата на силуетата на современиот град најчесто е структурирана од современите канцелариски згради кои доминираат над урбаниот пејзаж, а меѓу кои најпрестижни се зградите на глобалните корпорации или финаснсиските институции (банки, осигурителни компании, разни инвестициски фондови, глобални брендови). Тие ја манифестираат економската моќ и вербата во иднината, претставувајќи се себеси како институционален симбол и урбана икона. Честопати, во ваквиот тип на згради се имплементираат најразвиените градежни технологии во специфичен архитектонски јазик, позиционирајќи се како најпрогресивни архитектонски творби на денешницата.004-Св.Жером

„Св. Жером“

Внатрешните работни средини на овие згради се карактеризираат со богата комплексна структура на простори за да ги исполнат сложените потреби на организациската разноликост на работната сила, распоредена во бројни оддели во зависност од организациската поставеност на одредена компанија, при што се креира богат социјален живот во зградата, зајакнувајќи ги  и  подржувајќи ги средбите и интеракциите помеѓу корисниците на просторот, отсликувајќи ја новата ера на развојот на глобалното општество кое сè повеќе преминува од „информатичко општество“ во општество кое современите теоретичари го нарекуваат „општество на знаење“ (Knowledge Society).

Но и низ историјата бројни теоретичари од областа на „организациското однесување“ ја препознале архитектурата, поточно ентериерот како важна компонента за благосостојба на индивидуите (вработените) и организациите. Тие ја посматрале архитектурата од поширока перспектива, испитувајќи ја во услови на нејзините главни функции како што се: а) заштита и сигурност, безбедност; б) социјален контакт; в) симболичка идентификација; в) задоволство и г) растеж, напредок.

Со тоа тие сметаат дека архитектурата и ентериерот можат да имаат карактеристики на систем за поддржување на средината преку олеснувањето на работата.

Во случај да се прифати оваа теза за точна, тогаш архитектурата може да влијае како на внатрешните така и на надворешните аспекти на работата, и како таква таа игра важна улога во организациската ефективност, а пак дизајнот на ентериерот се потенцира како важен или битен елемент во олеснувањето на социјалните и комуникациските шеми внатре во организациската структура на компаниите.The Gherkin

Лондон

Секако дека интердисциплинарниот дискурс кој ги третира работните простори влијае врз дизајнот на неговите физички компоненти, но улогата на архитектурата произлегува и од еден доста елементарен факт кој вели дека најголемиот дел од работното време на современиот човек се одвива во канцелариски простор. Тој е најзастапениот вид на работен простор воопшто во објектите од јавен карактер.

Освен во деловните објекти, каде е основен тип на простор, канцеларијата ја има и во фабричките, стопанските, болничките, школските, спортско-рекреативните и во секаков друг тип на нестанбени објекти. Во неа се раководат компаниите, во неа се изработуваат проекти и дизајни, се утврдуваат политички платформи и стратегии, се одвиваат сите бирократски процеси во управувањето со цивилните општества низ сите нивни сегменти и, конечно, се одвиваат стручно-научни истражувања за глобален опстанок и развој на човештвото.

Но, со брзиот развој на информатичките и комуникациските технологии, денес и оние простори во кои се одвиваат други функции, како што се болничките амбуланти и ординации, школските училници, кафетериите и останатите угостителски локали, аеродромските лобии, во голема мера се трансформираат во канцеларии.

001-gradska silueta

Градска силуета

Традиционалните канцеларии се користеле за да се надгледуваат сметководствените или продажните активности, во нив се одвивале административни активности преку кои се раководело производството, продажбата и дистрибуцијата на материјалните добра. За разлика од нив, во модерните канцеларии се создаваат, управуваат и контролираат интелектуалните производи кои не мора директно да содржат материјални добра, како што е логистиката, сите видови на дизајн, креирање и развој на софтверски технологии и развивање на проекти значајни за цивилното општество.

Ако современата канцеларија, од аспект на дизајн на ентериери, е создадена од пред околу стоипедесет години, се поставува прашањето каде се best online casino почетоците на канцеларијата и на што е таа резултат. Според Хајо Акоф (HajoEickhoff), познатиот германски филозоф и историчар на културата, корените на канцеларијата како простор за одвивање на одредена интелектуална активност односно како професионална институција досегаат до 13-от век. Но корените се уште постари, имено, околу 400-та година св. Жером, тогашен калуѓер, го превел Стариот завет на латински – Вулгата, дело кое станало многу барано за да резултира со огромна побарувачка од тогашните манастири.

Зашто манастирите во тоа време претставувале вистински претпријатија во кои освен основната религиозна функција се одвивале и други социјални и економско производствени функции кои создавале материјални и интелектуални добра. Во овие верски институции се одвивала огромна и значајна копирачка и преведувачка дејност – се преведувале, а потоа и копирале сите значајни дела на античката култура. Со тоа манастирите во тоа време претставувале значајни производствени и културни центри, при што нивните челници – опатите биле почитувани, а што е и позначајно, и моќни  исто колку и бискупите или дури и кралевите.005-Biblioteka Laurencijana

Библиотека Лауренцијана

Книгата, масата и просторот се основните елементи кои ја создаваат канцеларијата, кои денес се појавуваат во видоизменети форми, но сèуште задржувајќи ја својата суштина на примарни канцелариски алатки. На овие основни, низ текот на историјата се додавале и други елементи: хартијата, мастилото, брисачот, кожата, садот, обичните и моливите во боја, за да денес многуте од овие елементи и алатки бидат делумно или целосно заменети од персоналниот компјутер.

Книгата е причината за постоењето на канцеларијата, односно нејзиниот основен елемент, која за да биде во функција треба да биде поставена на некакво парче мебел кое пак се наоѓа во некаква просторија.

Масата е тоа парче мебел на кое се поставува книгата. За да се заштити книгата, која во минатото се пишувала со рака, а кориците биле правени од дрво прекриено со декорирана кожа и заради тоа имала непроценлива вредност, масата се прекривала со ткаенина која ја штитела корицата од оштетувања. Парчето ткаенина на француски се нарекувало бура, збор од кој подоцна ќе произлезе модерниот поим биро, исто така француски, кој денес е сининим за канцеларија.mELK

Мелк

Просторот е третиот елемент од оваа конститутивна тријада кој произлегува од т.н. скрипториум (scriptorium, lat.) – просторија за пишување која подоцна го добива своето име по споменатото парче ткаенина – бура, за да подоцна се трансформира во биро. Во 19 век во Франција со ова име се именувале и самите работни простории, при што и денес се употребува со две значења: биро означува работна маса, но го означува и работниот простор во кој таа се сместува.Во македонскиот јазик зборот биро исто така се употребува и како ознака за маса за пишување, но и за одредени владини служби, на пример: Биро за јавни набавки.

Во доцниот среден век со стабилизирање на условите во општеството, а како резултат на неговиот комплексен развој се јавила потребата од објекти со посебна намена какви што се болниците, колеџите и универзитетите во кои посебно место претставувале библиотеките и како просторни единици, но и како институционални во кои се развивале специфични професии за кои биле потребни одредени простори и опрема.006-Antverpen - kancelariska zgrada-17 vek

Антверпен – канцелариска зграда

За разлика од средновековието, во кое канцеларијата во својата примордијална фаза се наоѓала во манастирите, ренесансата од причини кои се добро познати на сите, донесува специфичен тип на простор или просторија која веќе може да ги детерминира елементите на она што подоцна ќе се нарекува канцеларија. Во тоа време во ваквите простории покрај пишувачките активности се одвивале и одредени пресметки. Алатки и материјали кои се користени се оние од манастирските бури – мастило, перо, хартија, брисач и боја на кои се додаваат и:сметалка или абакус, размерник и восок за печати и печат.

Канцеларијата прв пат се јавува во резиденцијалните објекти – градските палати на богатите семејства во вид на „studio“ – просторија за интелектуална или канцелариска работа, или за приватна конверзација, обично во склоп на приватните апартмани сместени на првиот кат – piano nobile, катот на кој било сместено семејството.

Нов пресврт во развојот на човековото општество претставува периодот на 18 век, со појавата на индустриското производство кое развива нови професии, така што канцелариската работа не претпоставуваше само трговија и комерција туку се појавуваат и инженерските професии, образованието и секако јавната администрација. Тогашните контори и кабинети го менуваа својот организациски и содржински лик.

Она што го одредува внатрешниот простор како ентериерно организирана средина, покрај примарните елементи, е секако мебелот и опремата. Поставени во соодветен меѓусебен однос градат композициско функционални единици или системи одредувајќи го карактерот на истиот. Во овој историски период новата структура на просторот развива нов тип на мебел: висока клупа, столици и биро-клупа прекриена со текстил.

Бирото претставува клупа која како компактна канцелариска единица изискува минимален простор, а се состои од површина за пишување, фиоки, полици за хартија во форма на ескритоари (фр.,секретери). Кон клупата се додаваат и столиците, кои во прво време биле инспирирани од староегипетските и римските тронови и престоли. Модерниот облик столиците го добиваат со нивно индустриско – масовно производство во втората половина на 19 век.

Од овој број, Порта3 во неколку продолженија ќе објавува текстови за внатрешно уредување, со посебна нагласка на уредувањето на административните простори.

вон.проф. м-рМишко Ралев, Факултет за архитектура и дизајн при УАКС

 

Испрати коментар

Scroll To Top