Насловна / Архитектура / Клучен архитект на модерната епоха

Клучен архитект на модерната епоха

Англискиот архитект Ричард Роџерс, еден од авторите на архитектонската икона, Центарот Жорж Помпиду (1971-1977) во Париз, се вбројува меѓу најпознатите и најпочитуваните архитекти во светот. Во претходните броеви пишував за Центарот Помпиду и за неговиот друг автор Ренцо Пиано (Порта бр. 260 и 261). Пред четириесет години, изградбата на овој објект, им ги отвори вратите на светот на своите млади автори, Ричард Роџерс и Ренцо Пиано, кои се денес меѓу најславните.

richard_rogers_01

Јубилејна година

Ричард Роџерс во 1977 година ја формирал својата архитектонската фирма „Richard Rogers Partnership“. Со текот на времето таа еволуирала и во 2007 година е преименувана во „Rogers Stirk Harbour & Partners“. Фирмата сега има 13 партнери. Вработува нешто повеќе од 200 луѓе, вклучувајќи и специјалистички тимови за поддршка кои нудат графички дизајн, визуелизација, филм и комуникациски услуги. Главното студио е во Лондон, но има свои канцеларии и во Лисабон, Берлин, Њујорк и Сеул. „Rogers Stirk Harbour & Partners“, во 2017 година, одбележа 10-годишнина од работата со филмски и медиумски настани. А по повод 40- годишнината од отворањето на Центарот Помпиду, Националниот музеј на современа уметност, од 13 декември годинава до 12 февруари наредната година, во една од салите посветува посебно внимание во негова чест, со нова почит кон авторите, Ричард Роџерс и Ренцо Пиано.

Ричард Роџерс, Лорд Роџерс од Риверсајд, еден од најголемите творци во современата архитектура.  

Ричард Роџерс има извонредно невообичаен живот. Почнувајќи од неговото раѓање во Италија, неговото именување за Лорд Роџерс од Риверсајд во 1996 година, добивање на наградата Притцкер за архитектура во 2007 година, освојување на најпознатите светски награди и неговото активно создавање на врвни архитектонски дела низ цел свет… Роден е во 1933 година во Фиренца, Италија, во семејство со англиско потекло. Во 1938 година фамилијата се преселила во Англија, каде што го почнал своето школување. Студирал архитектура во Лондон (1954-1959). Во 1961 година, со Фулбрајтова стипендија ги продолжил студиите на Универзитетот Јел, заедно со Норман Фостер, каде што и магистрирал. После дипломирањето работел во Њујорк за фирмата Skidmore, Owings & Merrill, а во 1963 се вратил во Англија. Од 1969 година соработувал со Ренцо Пиано. Победата на меѓународниот конкурс и реализацијата на проектот за Центарот Жорж Помопиду во Париз, двајцата ги доведе до светска слава. Потоа секој продолжува посебно по својот извонредно успешен, професионален пат.

Во текот на изминатите четири децении, тој изгради низа објекти низ Европа, Америка, Азија и Австралија, за кои освои многу признанија и награди. Познат е по квалитетот на работа, по иновативните решенија, како и по експертизите за урбанистичко планирање. Неговиот архитектонски јазик се одликува со користење на хај-тек елементи кои ги зема од поморската, автомобилската и компјутерската технологија, со високи еколошки стандарди.

5a. The_Leadenhall_Building

Своето политичко влијание го изразил преку ангажирање како советник за архитектура и урбанизам, на градоначалниците на Лондон и Барселона. Од 1998 до 2005 година бил претседател на „Rogers Urban Task Force“, работна група на британската влада за урбана обнова. Во пракса има богато искуство во урбанистичкото планирање (Лондон, Лисабон, Берлин, Њујорк, Сеул…).

Во 1995 година, Роџерс беше првиот архитект поканет да одржи серија предавања на Би-би-си со наслов „Градови за мала планета“. Неговата страст кон оваа тема го илустрира следниот цитат „Човечкиот живот секогаш зависел од три варијабли: население, ресурси и животна средина“.

Денес, за жал, можеби ние сме првата генерација која се соочува истовремено со влијанието на сите три варијабли, проширување на населението, осиромашување на ресурсите и ерозија на животната средина. Сето ова е општо познато, но сепак, неверојатно. Без оглед на сè, индустриската експанзија продолжува. Кризата веќе не е регионална, таа е глобална, ги опфаќа целото човештво и целата планета.

Создадени дела низ светот…

Со оглед на ограниченоста на просторот ќе се осврнам само на неколку од извонредните проекти на студиото „Rogers Stirk Harbour & Partners“.

 1. Лојд од Лондон ( Lloyd’s of London, 1978 – 1986)

lloyds-of-london

Објектот на Лојд е едно од најголемите архитектонски достигнувања во осумдесеттите  години на минатиот век. Зградата има 12 ката, висина од 84 метри и бруто-површина од 55 000 м². Таа е една од најголемите модерни британски згради, која ја балансира техничката ефикасност со архитектонската експресивност. Во 2011 година, во англиското наследство, зградата е опишана со зборовите: „универзално призната како една од клучните градби на модерната епоха“.

1. Lloyd's of London

2. The Millennium Dome (1996 – 1999)

MillenniumDome-470632449-56b3b8023df78c0b13536dee

Милениумската купола, изградена во чест на почетокот на 21 век е огромен, флексибилен простор, погоден за изложби и разни други настани и потреби. Инспирација за куполата е небото, под кое сè се случува. Обезбедува 100 000 м² затворен простор во обем од 2,2 милиона кубни метри. Има дијаметар од 365 метри и максимална висина од 50 метри. Обесена е на серија од дванаесет  челични јарболи (високи 100 метри), кои се држат со повеќе од 70 километри челични кабли со висока цврстина, кои го поддржуваат покривот. Флексибилноста на просторот овозможи користење на објектот за време на Олимписките игри во Лондон во 2012 година. Сега се користи како центар за забава и е едно од најуспешните музички места во светот.

2a. The Millennium Dome

3. National Assembly for Wales (1998 – 2005)

3. National Assembly for wales

Зградата на Собранието на Велс, преку транспарентноста, ги реализира демократските вредности на отвореност. Нејзината прогресивна еколошка агенда воспостави нов стандард на јавни објекти во Британија. Главната сала е на две нивоа. Дебатната сала е голем кружен простор во срцето на објектот, кој е завршен со форма на ѕвоно истакнато на покривот. Тоа овозможува природна вентилација и дополнителна контролирана дневна светлина во просторот. Дебатната сала е физички и метафизички центар на дизајнот. Опкружена е со јавен простор, за да остане отворена и достапна за сите. Вклучен е голем број на безбедносни карактеристики.

3.a The_National_Assembly_for_Wales

4. T4 Madrid Barajas Airport ( 1997 – 2005)

3d9a2f8f153d53b24019022dbf591af4

Терминалот Т4, е најголем во Шпанија, во ранг на главните аеродроми во Европа. Основната зграда се состои во низа на паралелни простории одделени со линеарен блок, со цел да се овозможи продирање на  природната светлина длабоко во внатрешноста. Постои можност за проширување на зградата во фази. Новиот терминал има метро, железничка станица и транзитен линк на постојните  терминали.

Покривот се јавува како дефинирачки архитектонски елемент. Внатрешно силно изолиран и обложен со ламинирани ленти од кинески бамбус.

4. T4_Madrid_Barajas_Airport_3

5. Leadenhall Building (2000 – 2014)

5a. The_Leadenhall_Building

Зградата Leadenhall е облакодер од 48 ката и висина од 224,5 м во Лондон. Површината на локацијата е 3000 м² а на бруто-внатрешната површина е 84.424 м².

Конструкцијата е челична. Употребата на челик е од фундаментално значење за објектот. Во согласност со барањата на Катедралата „Свети Павле“, дизајнот на кулата требало да овозможи Катедралата да биде јасно истакната на лондонското небо, посебно да биде видлива од улицата Fleet Street, како клучна точка.

Зградата Leadenhall доби многу награди меѓу кои и награда за конструкција на челик во 2017.

5. The_Leadenhall_Building

6. 3 World Trade Center (2006 – )

world centar

Архитектонскиот  концепт на 3 World Trade Center  е дел од поширокиот контекс на генералниот план на Светскиот трговски центар на Менхетен, Њујорк,  проектиран од студиото на Даниел Либескинд. Се наоѓа спротивно од Меморијалниот и културниот центар на World Trade Center. Зградата претставува комерцијално јадро на локацијата, кое истовремено го балансира и го дополнува Меморијалниот центар. Објектот со висина од 350 м, вклучува пет ката за трговија, 54 ката за канцеларии, осум механички катови, 37 патнички лифтови и две скалила.

Изградботката е во тек.

6a. 3 World Trade Center

 

7. British Museum WCEC (2007 – 2014)

7. Brtish Museum's King Edward VII (1914)

Завршен кон крајот на 2014 година, WCEC (British Museum World Conservation and Exhibitions Centre), претставува суптилно дополнување на Британскиот музеј. Има мноштво на најсовремени карактеристики на еколошки функции, кои значително ја намалуваат употребата на енергија и ги подобруваат условите за чување на артефактите. Ова е еден од најголемите проекти за обнова на Британскиот музеј, во неговата 260-годишна историја.

Се наоѓа во северозападниот агол, се состои од пет павилјона, од кои едниот е целосно под земја. Обезбедува нова галерија за изложби, простор за складирање, најсовремени лаборатории и студија. Конзерваторските студија и канцеларии  се сместени на врвот на павилјоните за да се обезбеди добар квалитет на дневна светлина. Скоро 70 % од зградата е под земја, вклучувајќи го просторот за складирање на колекции (над 5 000м²), како и товарен лифт од 42 тона (еден од најголемите во Европа).

Новиот дел може да функционира независно од остатокот на Музејот. Отворен е во март 2014 година со изложбата „Викинзи: живот и легенда“ за која во новата галерија беше поставен, реконструиран викиншки брод, долг 37 метри.

Во 2017 година, објектот освои награда на РИБА Лондон, во категорија на Источен Лондон.

7a. Brtish Museum's King Edward VII (1914).jpg, model

8. Cancer Centre at Guy’s Hospital (2010 – 2016)

8.New_Cancer_Centre_at_1442_Mark_Gorton_Rogers_Stirk_Harbour___Partners_PressImage_1

Центарот за рак во Гај болницата ги обединува сите онколошки услуги од болниците Гај и Сент Томас, интегрирајќи ги услугите за истражување и лечење во еден објект. Изграден е на мала триаголна локација, во густа урбана област, која е целосно искористена. Како резултат на тоа користени се претежно префабрикувани градежни елементи, склопени на лице место, со висок квалитет на изработка и брзо темпо на изградба. Системот овозможува структурата да расте приближно со стапка од еден кат неделно. Сите услуги, клинички и неклинички, се испорачуваат во делумно модуларен систем со канали, кабли и цевки, претходно вградени, кои се поврзуваат на лице место.

Има добиено повеќе награди, меѓу кои се и следните, добиени во 2017 година:

European Healthcare Design Awards – Interior Design and the Arts,

ICE London Civil Engineering Awards – Best Building,

Royal Institute of British Architects (RIBA) Awars – London regional…

8a. Cancer_Centre_at_Guy_s_Hospital

Современи херои…

Во тек на неговата повеќе од педесетгодишна кариера, Ричард Роџерс стана еден од најистакнатите архитекти кои работат денес во Велика Британија. Врвот ги вклучува центарот Помпиду во Париз и зградата на Лојд во Лондон, чија индустриска естетика и јазик на флексибилност и транспарентност станаа негов архитектонски белег. Повеќе од половина век се залага и за социјалните цели на архитектурата. Верувајќи дека архитектурата е најсилниот агенс во општествените промени, се залага за важноста на јавниот простор, за урбаната регенерација и доброто планирање преку иновативен дизајн. Архитектурата ја гледа како политички ангажирана, стабилна, цврста, одржлива и одговорна професија, која знае дека нејзината дејност треба да влијае врз позитивните промени во општеството.

Неодамна уметникот Ксавиер Вејлхан (Xavier Veilhan, 1963) изработи две нови скулптури на Ричард Роџерес и Ренцо Пиано. Тој изјави:

„Од почеток размислував за скулптури на поп-ѕвезди, политичари или познати актери, но сфатив дека не сакам да славам други луѓе освен архитектите, кои јас ги сметам за современи херои“.

Архитектите како „современи херои“ се фаворизирана тема за францускиот уметник, со која јас потполно се согласувам.

7340268_be7c144c-b3f9-11e7-a650-d3963f802c61-1_1000x625

9. xavier-veilhans-renzo-piano-richard-rogers-sculpture-design-centre-pompidou_dezeen_2364_col_1-1704x2130 (1)

Испрати коментар

Scroll To Top