Насловна / Вести / Климатските промени негативно ќе влијаат на земјоделството

Климатските промени негативно ќе влијаат на земјоделството

Drought Affect on soybeans in Texas

Климатските промени, како на кус рок така и долгорочно, секако ќе имаат влијание врз земјоделството и производството на храна во светот. Како да се заштитат земјоделците во такви новонастанати услови и кои препораки да им се дадат на производителите на храна за навремено реагирање, се прашањата на кои одговор се бара и на вториот по ред Меѓународен симпозиум за земјоделство и храна што се одржува во Охрид.

Драги Димитриевски, декан на Факултетот за земјоделство при УКИМ што е и организатор на симпозиумот, истакна дека собирот во Охрид ќе биде добра можност производителите на храна во сите области на земјоделството да се запознаат со практиките и достигнувањата во светот, но и самите да ги претстават мерките што тие ги спроведуваат како за заштита на културите, така и за зголемување на приносите.

На симпозиумот во Охрид ќе бидат претставени повеќе од 300 научни трудови од експерти, професори по земјоделство од 22 држави од светот.

По однос актуелниот проблем на климатските промени и глобалниот тренд на покачување на температурите, беше истакнато дека тие нема подеднакво да влијаат врз производството на храна.

Ордан Чукалиев, професорот по наводнување при Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје, истакна дека досегашните светски искуства укажуваат дека климатските промени ќе имаат позитивни ефекти во северните делови на Европа, преку продолжување на топлите денови и повеќе сончеви денови, додека во јужниот дел на континентот приносите ќе бидат лимитирани, пред се поради намалување на врнежите односно недостиг на вода, како и покачената температура.

Истражувањата спроведени во Македонија покажуваат дека дефинитивно во регионот климатските промени сериозно ќе ги лимитираат приносите, најмногу поради недостиг на вода.

klimatski promeni1

-Kлиматските промени, дури и во кус рок некаде до 2030 година, во Македонија ќе почнат да покажуваат негативен ефект, односно намалени приноси. За среќа, македонските земјоделци преземаат адаптивни практики како мерки за прилагодување кон новонастанатите околности, преку наводнување на обработливи површини. Доколку се спроведат секторски промени за проширување на површините што ќе се наводнуваат, климатските промени во кус рок нема да остават сериозно последици по македонското земјоделство, истакна Чукалиев.

Тој забележа дека се разработуваат и други адаптивни техники за прилагодување кон климатските промени, како што е заштита на културите, пред се во овоштарството и лозарството преку поставување заштитни мрежи, потоа техники за зачувување за почвата, така што во кус рок македонското земјоделство ќе успее да се справи со негативните последици од климатските промени.

Мнозинството од странските експерти учесници на симпозиумот во Охрид согласни дека планетата се соочува со се поголем недостиг на вода, како главен фактор што влијае врз земјоделството и оттаму со производството на храна во светски рамки. Светот се соочува со промени во достапноста на водата, а намалувањето на достапноста на вода во одреден дел од светот предизвикува значајни промени во планетарни рамки.

– Во моментов се соочуваме со екстремни временски неприлики, како поплави што носат многу вода на едно место и на тој начин  неповолно влијаат врз земјоделските култури. На науката и останува да развива нови култури што би можеле да издржат многу вода или обратно, а исто тоа се однесува и кога е во прашање сончевата светлина и топлина, изјави Рамиш Калиот, професор од САД. Тој нагласи дека климатските промени ќе значат и појавата на нови болести на растенијата, како и на штетници, така што  смета дека науката треба многу повеќе внимание да обрне на таа проблематика.

 

Испрати коментар

Scroll To Top