Бројот на екстремно топли денови секоја година се зголемува, а бројот на денови со температури над 50 степени Целзиусови се удвоил во споредба со 80-тите години од минатиот век. Ова го покажува Студијата изработена од страна на BBC, со користење на сет податоци со висока резолуција ERA5, од Сервисот за климатски промени „Коперникус“. Дополнително, вакви екстремни температури сега с ебележат во повеќе области во светот за разлика од порано, што претставува огромен предизвик за човековото здравје и начинот на кој живееме. Имено, во периодот помеѓу 1980 и 2009 година, температурите надминале 50 степени Целзиусови во просек околу 14 дена годишно. Во периодот од 2010 до 2019 година, тој број скокнал на 26.
Вака високите температури, првенствено се карактеристични за Блискиот Исток и Заливските региони. Но, по рекордните температури од 48,8 степени во Италија и 49,6 степени во Канада ова лето, научниците предупредиле дека деновите со вака високи температури ќе бидат реалност и во други делови на светот. BBC анализата покажала дека во последната деценија максималните температури се зголемиле за 0,5 степени Целзиусови, во споредба со долгорочниот проесек во периодот од 1980 до 2009 година. Но, ова не се чувствува подеднакво ширум светот. Источна Европа, јужна Африка и Бразил забележале раст од над еден степен, додека Блискиот Исток и делови на Арктикот за над 2 степени Целзиусови. Научниците ги повикуваат светските лидери на превземање на итни мерки на самитот на ОН во ноември, кога од владите ќе се бара да се обврзат на нови намалувања на емисиите со цел ограничување на глобалниот раст на температурите.