По изградбата која траеше една година, во срцето на амазонската шума на 22-ри август свечено е отворена Амазонската висока кула (Amazon Tall Tower Observatory – ATTO). ATTO се наоѓа во еколошкиот резерват Уатуа, 350 km од Манаус, главниот град на бразилскиот дел на Амазонија. Она што е посебно за оваа кула е екосистемот кој ја опкружува. Амазонската шума е најголема континуирана прашума, позната како „бели бробови на планетата“, која има големо влијание врз апсорбирањето на јаглерод диоксидот, циклусот на вода низ процесот на испарување, и врши стабилизација на регионалната и глобалната клима.
Височината на кулата е 325 метри (заедно со поставениот громобран 331 метар) и се простира над крошните на шумата на Амазон.Се работи за највисоката градба во Јужна Америка. Кулата е опремена со уреди за мерење на јаглерод диоксидот, аеросоли и метеоролошки податоци. Собраните податоци ќе овозможат подобар увид во состојбата на атмосферата и климатските промени. Исто така, податоците од АТТО кулата ќе се користат како основа за креирање на еколошките политики за одржлив развој на подрачјето на Амазон.
Површината која ја зафаќа на тлото оваа кула е 9 метри квадратни. Челичната конструкција е составена од 15.000 делови, а за да се стигне до врвот на кулата треба да се минат 1500 скалила. Во резерватот постојат уште две помали кули за опсервација со височина од 50 и 80 метри кои собираат податоци од површина со пречник од 10 километри. Подрачјето кое го покрива АТТО изнесува 1000 метри квадратни.
Изградбата на оваа кула е заедничка инвестиција на Бразил – Сојузното министерство за наука, технологија и иновации и Владата на Амазон од една страна, и Германија преку Сојузното министерство за образование и истражување, од друга страна. Координацијата на проектот е доверена на хемискиот Институт за хемија Макс Планк. Вредноста на инвестицијата е 8,4 милиони долари.