Насловна / Вести / Климатска криза: Најлошото допрва следува

Климатска криза: Најлошото допрва следува

Климатските промени фундаментално ќе го преобликуваат животот на Земјата во следните децении, дури и ако успееме да ги спречиме емисиите на стакленички гасови што ја загреваат нашата планета, се вели во Нацрт-извештајот на советниците за клима на ООН, објавен од АФП.

Исчезнување на видовите, ширење болести и инфекции, неподнослива топлина и недостиг на вода, колапс на екосистемите, покачување на нивото на морето и многу други разорни климатски влијанија се забрзуваат и ќе станат болно очигледни дури и пред 2050 година кога децата родени во 2021 година ќе немаат ниту 30 години предупредува ООН во извештај подготвен од стотици научници на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC).

cover_klim_promjen_resize

Одлуките што ќе ги донесеме сега ќе утврдат дали нашиот вид ќе успее или ќе мора да се бори за опстанок во текот на 21-виот век, велат експертите од IPCC во Нацрт-извештајот. Заканите стануваат сè поголеми и поблиски отколку што се мислеше, а ужасните последици што произлегуваат од деценискиот нескротлив раст на количината на стакленички гасови во атмосферата се неизбежни на краток рок.

„Најлошото допрва следува и тоа ќе влијае на животот на нашите деца и внуци, далеку повеќе отколку на нашите животи“, гласи досега најсеопфатниот извештај на 4.000 страници, многу поалармантен од претходниот во 2014 година. Сепак, овој клучен документ официјално треба да биде објавен дури во февруари 2022 година, откако беше одобрен со консензус од 195 земји членки. Според некои научници, за жал, доцна е за претстојната Централна конференција на ОН за клима COP26, што ќе се одржи во ноември годинава во Глазгов.

transizione_clima_2400x1160_resize

ПРИРОДНИТЕ СОЈУЗНИЦИ ГИ ПРЕТВОРАМЕ ВО НЕПРИЈАТЕЛИ

Нацрт-извештајот доаѓа во време на глобално „еколошко будење“. Во него се потенцираат системските предизвици што се вткаени во самата структура на секојдневниот живот, а кои се исто така длабоко неправедни затоа што најмногу ќе страдаат оние кои се најмалку одговорни за глобалното затоплување, се појаснува во Извештајот.

Ова покажува дека дури и додека испуштаме рекордни количини на стакленички гасови во атмосферата, ние ја поткопуваме способноста на шумите и океаните да ги апсорбираат, со што нашите најголеми природни сојузници во борбата против глобалното затоплување ги претвораме во непријатели. Извештајот исто така предупредува дека претходните големи климатски шокови драматично ја сменија животната средина и ги збришаа повеќето видови, покренувајќи го прашањето дали човештвото е свесно загрозено.

„Животот на Земјата може да закрепне од драстичното поместување на климата со развој на нови видови и создавање нови екосистеми, но не и човечки вид“, се вели во Извештајот.

china-dialogue-ocean-melting-ice-caps-polar-bears-1440x720_resize

НЕПОВРАТНИ ПОСЛЕДИЦИ

Постојат најмалку четири главни заклучоци во Нацрт-извештајот, кои претрпеа темелна ревизија и веројатно нема да се променат пред официјалното објавување на документот во февруари 2022 година. Првиот заклучок е дека климата со моменталното затоплување од 1,1 степен Целзиусов веќе се менува.

Имено, пред десет години, научниците веруваа дека ограничувањето на глобалното затоплување на најмалку два степени Целзиусови над прединдустриското ниво е доволно за да се заштити нашата иднина. Оваа цел е содржана во Парискиот договор од 2015 година, кој беше усвоен од скоро 200 држави кои се обврзаа колективно да го ограничат затоплувањето на „далеку под“ 2 Целзиусови степени односно – 1,5 Целзиусов степен ако е можно.

climate-change-2254711_1920_resize

Сепак, според сегашните трендови, во најдобар случај одиме кон затоплување за три степени Целзиусови. Поранешните модели предвидуваа дека климатските промени веројатно нема значително да ја променат климата на Земјата пред 2100 година. Но, во Нацрт-извештајот на ООН се вели дека продолженото затоплување дури и над 1,5 Целзиусов степен може да донесе „постепено сериозни, вековни и, во некои случаи, неповратни последици“.

Минатиот месец, Светската метеоролошка организација (СМО) предвиде 40 отсто шанса Земјата да го надмине прагот од 1,5 Целзиусов степен во најмалку една година до 2026 година. За некои растителни и животински видови, можеби е предоцна бидејќи „дури и со затоплување од 1,5 Целзиусов степен, условите ќе се променат над можноста на многу организми да се приспособат“, се вели во Извештајот. Коралните гребени – екосистеми од кои зависат половина милијарда луѓе – се еден пример.

Населението на Арктикот се соочува со културно истребување бидејќи околината врз која се изградени нивните егзистенцијални услови и историја се топи под нивните нозе. Глобалното затоплување ги продолжи сезоните на пожари, двојно ги зголеми потенцијално ранливите области и влијаеше на големи загуби во системите за храна.

1624460593.2358_resize

ЗГОЛЕМУВАЊЕТО НА НИВОТО НА МОРЕТО ЌЕ ЗАГРОЗИ СТОТИЦИ МИЛИОНИ ЛУЃЕ

Светот мора да се соочи со оваа реалност и да се подготви за одредено влошување на ситуацијата – втор главен заклучок на Извештајот. „Тековните нивоа на адаптација ќе бидат несоодветни за да одговорат на идните климатски ризици“, предупредува Извештајот.

Проекциите од средината на векот – дури и со оптимистичко сценарио за затоплување од +2 Целзиусови степени, веќе не се валидни. Десетици милиони повеќе луѓе, најверојатно, ќе се соочат со хроничен проблем на глад до 2050 година, а други 130 милиони би можело да доживеат екстремна сиромаштија во рок од десет години ако се дозволи продлабочување на нееднаквоста.

merlin_145393776_50443844-7d4d-4a4d-8df0-44ca6f9b6e35-superJumbo_resize

Се проценува дека во 2050 година, во крајбрежните градови – на „линијата на фронтот“ против климатската криза, стотици милиони луѓе ќе бидат изложени на ризик од поплави и почести бури, кои се сè повеќе смртоносни со зголемувањето на нивото на морето.

Околу 350 милиони луѓе кои живеат во урбани средини ќе бидат изложени на недостиг на вода поради тешките суши со пораст на температурата од 1,5 Целзиусов степен и 410 милиони со пораст од 2 Целзиусови степени. Оние дополнителни половина Целзиусов степен ќе загрозат дополнителни 420 милиони луѓе кои ќе бидат изложени на екстремни и потенцијално смртоносни топлотни бранови.

arid-climate-change-clouds-60013_resize

ПРЕСВРТНА ТОЧКА БЕЗ ВРАЌАЊЕ

Како трет заклучок, Извештајот ја наведува опасноста од комплексни и каскадни влијанија, заедно со пресвртници без враќање во климатскиот систем, кои сè уште се непознати за научниците. Десетина „предизвикувачи“ за пораст на температурата поради неповратни и потенцијални катастрофални промени сега се идентификувани во климатскиот систем.

Неодамнешните истражувања покажаа дека затоплувањето од +2 Целзиусови степени може да предизвика топење на ледените плочи на врвот на Гренланд и западен Антарктик, што би го подигнало нивото на океанот за 13 метри – и по тоа нема враќање. Исто така, постои можност за трансформација на сливот на Амазон од тропски шуми во област на савана, како и ослободување милијарди тони СО2 од сибирскиот вечен мраз, што би поттикнало натамошно забрзано затоплување.

Во блиска иднина, одредени региони во светот, како што се источен Бразил, југоисточна Азија, Медитеранот, централна Кина и скоро сите брегови на светот, може да бидат загрозени од низа климатски катастрофи: суша, топлина, циклони, пожари и поплави.

amazon_resize

Ефектите од глобалното затоплување се засилени со сите други начини со кои човештвото ја нарушило рамнотежата на Земјата. Овие вклучуваат „загуба на живеалишта и биодиверзитет, прекумерна употреба на природни ресурси, особено вода, загадување, инвазивни видови и ширење штетници и болести“, се вели во Извештајот.

„Нема лесно решение за таквата мешавина на проблеми“, рече Никола Стерн, поранешен главен економист на Светска банка и автор на „Stern Review of the Economics of Climate Change“. „Светот е соочен со комплексен сет на испреплетени предизвици и ако не ги решите заедно, нема да успеете во ниту еден од нив“, додаде Стерн, кој не соработуваше во подготовката на Извештајот на IPCC.

61905582-klimatske-promjene-otapanje-leda-led_resize

ТРАНСФОРМАЦИОНИ ПРОМЕНИ

Во Извештајот има многу малку добри вести, но IPCC нагласува дека може да се стори многу за да се избегнат сценарија во најлош случај, со цел да се подготват за последиците што повеќе не може да се избегнуваат, што е конечен заклучок на Извештајот.

Со зачувување и враќање на таканаречените екосистеми на син јаглерод, како што се крајбрежните шуми од мангрова, ќе ги зголемиме залихите на јаглерод и ќе се заштитиме од невреме, но исто така ќе обезбедиме живеалиште за дивиот свет, ќе им помогнеме на крајбрежните заедници и ќе обезбедиме безбедност на храна. Преминувањето на растителна исхрана може исто така да ги намали емисиите поврзани со храна за дури 70 отсто до 2050 година.

Но, нашите емисии нема да бидат намалени со електрични возила или со засадување милијарди дрвја, предупредува Извештајот. „Потребни ни се трансформациски промени што влијаат на процесите и однесувањето на сите нивоа – поединци, заедници, компании, институции и влади. Треба да ги редефинираме нашиот начин на живот и потрошувачка“, заклучува Извештајот на IPCC.

Испрати коментар

Scroll To Top