Третиот дел од паркот „Македонија“, кој се простира на територија на општина Карпош, почна од понеделникот да се уредува, со што Скопје ќе добие уште еден парк на површина од 10.000 метри квадратни.
Како што соопшти градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, на таа површина ќе останат сите постојни дрвја, а ќе се засадат нови 61 дрво.
„Град Скопје заедно со Општина Карпош ќе го уредуваат третиот дел на паркот ‘Македонија’, покрај булеварот ‘Митрополит Теодосиј Гологанов’. Градот Скопје ќе уредува зелена површина од околу 6.000 квадратни метри, на којашто ќе постави систем за наводнување. При уредувањето на овој парк нема да биде исечено ниту едно дрво од веќе постојните, а дополнително ќе бидат засади уште 61 садница. За реализација на овој проект од буџетот на градот се издвоени околу четири милиони денари. Сакам да истакнам дека Градот Скопје има успешна соработка со Општина Карпош и на други проекти, како што е поставувањето на фекалната и атмосферската канализација во Злокуќани и во Нерези“, рече градоначалникот Трајановски.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, истакна дека третиот дел на паркот „Македонија“ ќе биде на површина од околу 10.000 квадратни метри, од кој Општина Крпош ќе уредува партерно околу 4.000 квадратни метри, за кој од буџетот имаат издвоено околу 20 милиони денари. Тој потенцираше и дека досега со Градот Скопје успешно соработувале на повеќе проекти.
На уредувањето на новата зелена површина ќе работат екипите на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“