УНЕСКО е Oрганизација за oбразование, наука и култура на Обединетите нации основана на 16 ноември 1946 година. Основната цел на Организацијата е да придонесува за мирот и стабилноста промовирајќи соработка меѓу нациите преку образованието, науката и културата какo мeтoд за подобрување на универзалното почитување на правдата, законите, човековите права и основната слобода. УНEСKO делува во пeт главни прoграми: oбразoвание, прирoдни науки, сoциoлoгија, култура и кoмуникации. Спoнзoрира прoeкти за писмeнoст, развoј на тeхниката и пeдагoгијата, интeрнациoнални науки, прoeкти поврзани со регионалната културна историја, прoeкти со кои се промовира културната разноликост и програми кои ги поддржуваат интернационалните договори за заштита на светското културно наследство.
Република Северна Македонија стана членка на УНЕСКО на 28 јуни 1993 година, а Охрид многу порано.
Мапа на делот од Охридскиот Регион кој е под заштита на УНЕСКО
УНЕСКО на Охрид му даде осум месеци за да достави ажуриран извештај за постапувањето со 19 забелешки кои се дадени во 2017 година, како и да го реши проблемот со градењето на диво во Oхридскиот Регион. Во спротивно Охрид во летото 2020 година може да се најде на црната листа на загрозени зони под заштита на УНЕСКО.
Советодавните органи на УНЕСКО ги набројаа причините кои го загрозуваат Охрид. Во неколкуте амандмани што ги побараа Босна и Херцеговина, Бразил, Кина и Унгарија првата предлог-одлука беше Охрид веднаш да се прогласи за наследство во ризик, но сепак македонските претставници во Баку, Азербејџан успеаја да издејствуваат уште една шанса за Охрид.
ДЕЦЕНИСКО УНИШТУВАЊЕ
Приказната со уништувањето на Охрид не е почната отсега. Таа трае децении наназад, а од ден во ден се зголемува. Градот кој постојано неорганизирано расте нема добра сообраќајна и комунална инфраструктура…
Урбанизација – немилосрдна, неконтролирана, особено во централното јадро на градот, но и пoшироко во заштитениот појас, без водење доволно сметка за капацитетот на постојната и за жал недоволно развиена и прилагодена на новите трендови на забрзаната градба, инфраструктура.
Дивоградби – никнувањето дивоградби во најубавите делови покрај Охридското Езеро ја бранува јавноста со години, а наместо нивно уривање сведоци сме на доградување на објектите или на едноставно прифаќање на истите како нормалност. Струшкото крајбрежје исто така не е поштедено. Речиси и да нема плажа каде нема изградено некој ресторан или кафуле покрај самото езеро. Пред неколку години јавноста алармираше за големата дивоградба во Лагадин, а последен пример за предизвикувачка дивоградба е отворената пицерија кај Чинарот во Охрид. Листата е долга и нема крај. Евидентирани се 1.076 предмети кои се третираат како дивоградби од кои официјално 409 во заштитената област.
Лагадин
Колекторскиот систем во Охрид – изграден пред 35 години за прифаќање, пречистување и одведување на отпадните води од двата града Охрид и Струга, со вкупен капацитет од 40.000 метри кубни дневно. Колекторот не е довршен проект, а со неговото одржување во нормална функција постојано има сериозни проблеми. Колекторот не е довршен затоа што и проектниот капацитет е далеку од доволен особено за летните месеци. Дел од непречистените фекални и отпадни води директно се влеваат во реката Црн Дрим и Охридското Езеро…
Каналот Студенчишта
Листата со проблеми во Охрид и Струга постојано се зголемува.
Пицерија кај чинарот
EKOЛОГИСТИТЕ ЗА ОХРИД
Охридскиот Регион со децении се уништува. Тој е домот на Охридското Езеро – едно од најбогатите езера по разновидност на жив свет на планетата Земја, чуварот на планината Галичица – една од планините со најголем број на разновидни растенија во Европа и скривалиште на тајните поврзани со човековата цивилизација – чувани цели шест илјади години. Заради сето ова регионот ја носи ретката титула на мешано светско наследство веќе 40 години.
Охрид пред војната
Овој регион, со децении наназад, дел по дел, умира во агонија. Уништување на блатата, еутрофикација, прекумерен риболов /особено во албанскиот дел на езерото/, прекумерна урбанизација и пловна инфраструктура, експанзија на масовен туризам, фрагментација на живеалиштата и неконтролирано исфрлање на цврстиот отпад, се документирани закани кои придонесуваат за деградирање на овој регион. Охридското Езеро е идентификувано како најранлива слатководна површина во цела Европа кога станува збор за климатските промени, е ставот на некои еколошки здруженија.
Охрид во седумдесеттите години
Владата ја одлага примената на конкретни акции според препораките и практично ја изневерува реализацијата на Конвенцијата за светско наследство. Дел од јавноста и екологистите сметаа дека впишувањето на Охридскиот Регион на листата на светско наследство во опасност требаше да се зграби како огромна шанса, можност да се добие меѓународна помош, да се преземат ригорозни корективни мерки, земјата да добие на располагање стручњаци од светски ранг во областа на заштитата на природното и културното наследство, па дури да се искористи и финансиска поддршка.
Охрид денес
ПРЕПОРАКИ ЗА СПАС
Комитетот за светско наследство ги знае овие закани. Со своите 19 препораки произлезени од Реактивната мониторинг мисија во 2017, Комитетот побара конкретни акции вклучувајќи и мораториум на урбанизацијата, справување со нелегалните градби, ревитализација на колекторскиот систем, промена на планираната железничка траса и воспоставување владеење на правото.
Бетонска база кај Далјан
Со оглед дека и Албанскиот дел од Охридското езеро сега станува под заштита на УНЕСКО, од Комитетот велат дека е потребна соработка и заедничка акција меѓу институциите на Македонија и Албанија.
„Многу е важна соработката меѓу многуте институции кои се занимаваат со културното и природното наследство од двете страни, од Албанија и соседната држава Северна Македонија“, велат од Меѓународната организација за зачувување на природата.
Во февруари следната година, УНЕСКО ќе го разгледа извештајот на следната 44 седница и ќе одлучува за натамошниот статус на градот.
19 ПРЕПОРАКИ ОД УНЕСКО И СТЕПЕН НА НИВНА РЕАЛИЗАЦИЈА
• Ревизијата на проектот на пругата кон Република Албанија, автопатот Струга-Ќафасан, проект кој е стар 20 години и воопшто не е предмет на реализација, а беше наведен како еден од забелешките на реактивната мисија во 2017-та. (Препорака број 1 ,2 и 3)
• Напуштањето на проектот за експресниот пат А3, Охрид – Св. Наум. (Препорака број 4) – постапено по препораката
• Трајно напуштање на проектот за Ски Центар Галичица, (Препорака број 5) – постапено по препораката
• Носењето на предлог-закон за мораторум на градба во Охридско-Струшкиот Регион. (Препорака број 6) – постапката е во тек
• Носењето на планот со управување со културното наследство. (Препорака број 7 и 8) – постапката е во тек / Министерство за култура , животна средина, општини заедно со УНЕСКО /
• Формирањето на јавното претпријатие Колекторски систем и консолидација и модернизација на колекторот. (Препорака број 13). – формирано ЈП , реализацијата на терен ќе биде долготраен процес заедно со Р Албанија
Испуст кај Грашница
• Изработка на елаборат за оценка на влијание на животната средина на Заливот на коските, кој покажа дека нема влијание врз животната средина и истиот е прифатен од советодавните тела на УНЕСКО, ИКОМОС и ИУЦН. (Препорака 14).- постапено по препораката
• Компанијата ЕЛЕМ со цел подобро управување на нивото на Охридското Езеро предвиде 240.000 УСД , за воспоставување на ситем на електронска регулација на нивото на езерото. (Препорака број 15). – постапено, во завршна фаза
• Регулацијата на сообраќајот во стариот дел на градот Охрид. (Препорака број 18).- постапено, во завршна фаза
• Изработката на Регистарот на бесправно изградени објекти. (Препорака број 9). – во тек, завршеток до септември. Следува итна реализација…
• Постапувањето по препораката број 19 и отстранување на неавтохтоните и инвазивни видови (палми) и материјали од центарот на градот (билборди), – постапено, во зaвршна фаза
– Вредно е да се напомене дек, првата реактивна мисија за Охридско-Струшкиот Регион од УНЕСКО била во 1998 , втората во 2013, третата во 2017 година. Во сите мисии уште од 1998 година се нотирани забелешки и препораки по кои од сите влади, без исклучок, не е соодветно постапувано, што резултираше со предлог до Комитетот, Охридско-Струшкиот Регион се стави на листа на Светско наследство во опасност.
НОВИ ЛОКАЛИТЕТИ ПОД ЗАШТИТА
Додека македонскиот град Охрид и Охридскиот Регион деновиве во Баку за влакно ја избегнаа Листата на загрозено културно наследство, светската организација УНЕСКО под своја заштита стави нови локалитети меѓу кои се : древниот град Вавилон во Ирак Хирканските Шуми во Иран, како и древната металуршка работилница во Буркина Фасо.
Парати и Илха Гранде, популарни дестинации во Бразил, Националниот парк Ватхајокул на Исланд што е основан во 2008 година. Локалитети во Кина исто така станаа дел од листата- резервати со птици преселници низ брегот на Жолто Море и заливот Бохаи.
РЕЗИМЕ
Владата на Република Северна Македонија и градот Охрид презедоа многу одговорна обврска да во многу краток временски рок ги исполнат 19 Препораки од УНЕСКО од кои секако најтешка ќе биде изработката на Регистарот на бесправно изградени објекти како и реализацијата – рушењето на истите во краток период отсега, со оглед на можните притисоци од партиските и локални моќници.
Јавноста и секако нашата маленкост Порта 3 ќе продолжи активно да ги следи следните настани од исполнувањето на преземените обврски. ОЧЕКУВАЈТЕ ГО ПРОДОЛЖЕНИЕТО ВО СЛЕДНИОТ БРОЈ НА ПОРТА 3.
Автори: КАТЕРИНА СПАСОВСКА-ТРПКОВСКА,
ЉУПЧО АТАНАСОВСКИ, дипл. инж. арх.
Фото: Диме ГЕОРГИЕВ