Куќата во која е роден Адолф Хитлер ќе биде срушена и заменета со нова зграда што нема да има никаква врска во нацистичкиот диктатор, соопшти австриската влада во обид да го елиминира зданието кое стана светилиште за неонацистите.
Планот на владата се уште не е формализиран со гласање во парламентот, но министерството за внатрешни работи соопшти дека рушењето било препорачано од владина комисија.
На власт во Австрија се Социјалдемократската партија и центристичката Народна партија, кои го поддржуваат планот, исто како и повеќето опозициски партии, па гласањето се очекува да биде формалност. Министерот за внатрешни работи Волфганг Соботка кажа дека е „потребно темелно архитектонско реструктуирање за перманентно да се спречи препознавањето и симболизмот на зданието“.
Портпаролот на министерството Карл-Хајнц Гриндбек кажа дека освен темелите, ништо нема да остане од куќата во западниот град Браунау и дека на нејзино место ќе биде подигната нова структура. Во новата зграда ќе бидат сместени канцеларии на владата или на социјална агенција, велат од министерството.
Владината комисија која го предложи планот препорачала местото да не остане празно, бидејќи тоа може да биде интерпретирано како „негирање на австриската историја“. Годинава, владата почна со законската процедура за одземање на сопствеништвото на куќата, откако сопственичката неколку пати одбиваше да ја продаде куќата или да дозволи реновирање кое би го намалило симболично значење како родно место на Хитлер и нејзината привлечност за обожавателите на фирерот.
Еврејската заедница во Виена го поддржува рушењето на трикатната жолта куќа во која е роден Хитлер на 20 април 1889 година. Сепак, некои историчари сметаат дека куќата и апартманот во кој кусо живеела фамилијата на Хитлер треба да биде зачувана, бидејќи е една малкуте преживеани структури поврзани со нацистичкиот лидер.