– Во завршна фаза е процесот на ревалоризација за Струга. Скоро сите елаборати за поединечно заштитените објекти веќе се завршени. И во Струга има доста објeкти претежно лоцирани околу Спомен домот на „Браќата Миладиновци“, кој беше реновиран пред три години. Планираме да направиме конзервации на куќите на Коџоман и Владо Малески – изјави Паскали-Бунташеска, додавајќи дека за идната година планирана е реконструкција на објектите на Несторови и на Ружа Ѓореска.
Паскали-Бунташеска потсети дека веќе две години се работи на конзервација на фрескоживописот во црквата „Свети Ѓорѓи“ .
– Годинава е последната фаза од конзервацијата и се надевам дека со тоа комплетно ќе заврши конзервацијата на живописот во оваа црква. Архитектурата е добро сочувана и нема потреба од реставрација – рече Паскали-Бунташеска.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска појасни дека средствата од буџетот Министерството ги распределува на конкурс.
– Не може да дадеме средства доколку некоја институција не се јавила на конкурс и не аплицирала со проект. Инвентивноста и иницијативноста мора да произлезе од институциите. Во Струга како национална институција ги имаме Центарот за култура, Музејот, а може да аплицира и општината. Конкурсот е отворен за сите и навистина се води сметка на поддршка на квалитетни проекти не само на нашите национални институции, туку и на локалните институции, општините, невладиниот сектор – рече Канческа-Милевска.