Протестите кај стружани не стивнуваат, тие продолжуваат и денеска. Се уште нема конкретни решенија за проблемот со струшката дива депонија.
Иако министрите без ресор и животна средина веднаш се одзваа на апелот од граѓаните и излегоа на терен не изнесоа конкретни временски рокови за тоа кога стружани ќе почнат да дишат чист воздух.
И понатаму не се знае кога депонијата ќе се изгасне, премести или конзервира како што бараат граѓаните.
Засега министерството ја препушта работата на експертски тимови кои следниве денови ќе ја испитуваат состојбата, а заклучоците ќе ги изнесат на владина седница која дополнително ќе одлучува како ќе постапува и ќе го решава проблемот.
И додека владини експерти ја испитуваат состојбата, граѓаните ќе продолжат со протестите, најавија блокади на патните правци се додека властите не им го вратат чистиот воздух.