Скопски „Бетон“ за 5,6 милиони евра ќе го гради новиот споменик-фонтана во чест на Мајка Тереза на плоштадот во Скопје. Тоа е исходот од електронската аукција за избор на изведувач на кој учествуваа „Бетон“ и „Урбан инвест“ од Кавадарци, чии првични понуди изнесуваа осум милиони евра, односно 6,2 милиони евра.
Изгледот на новиот објект, министерството за култура го опиша како: две независни композиции, односно две површини за градење и тоа: портал украсен со богата релјефна пластика во бел мермер на која се поставени бронзени скулптури и неколку скулптурални композиции од бел мермер, позиционирани на карпест дел обложен со травертин збогатен со водени слапови кои даваат ефект на водопади.
Министерството склучило договор и со Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии кои ќе вршат стручен надзор над изведување на работите на објектот.
Предвидено е фонтаната да биде изградена во рок од три години, а градежните работи ќе започнат наесен.