Потпишавме Договор за изградба на експресен пат од Штип до Радовиш, во должина од 23,5 километри, соопштија Mинистерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, на заедничка прес-конференција.
Според договорот изградбата ќе се врши на комплетна нова траса и тоа од местото Софилари пред Штип па се до Бучим.
Вредноста на инвестицијата е 1 милијарда 734 милиони денари, односно околу 28 милиони евра.
Според проектната документација, патот ќе има две ленти со широчина од 3,5 метри и две ленти за застанување со широчина од 2 метри. Исто така, предвидено е и поставување на заштитна ограда и поставување на вертикална и хоризонтална сигнализација на ниво на експресен пат. Максималната дозволена брзина ќе биде 110 километри на час.
Предвидено е на патот да бидат изградени 11 мостови, 22 пропусти, 3 натпатници и 2 потпатници.
Изградбата на патот ќе започне најдоцна за еден месец, а ќе се заврши во рок од три години.
Истовремено, во тек е и изградбата на експресниот пат од Штип до Кочани.
Додека трае изградбата на новиот експресен пат од Штип до Радовиш, Јавното претпријатие за државни патишта ќе изврши реконструкција преку проширување на веќе постечкиот регионален пат Штип – Радовиш, инвестиција од 3 милиони евра.