Во наредниве две до три години три капитални проекти ќе бидат реализирани во општина Охрид. Се планира изградба на дом за стари лица, катна гаража и автобуска станица. Истите ќе бидат реализирани по пат на продажба на земјиштето со строго дефинирана намена.
За таа цел, советниците на градскиот совет дадоа зелено светло за трите предлог одлуки кои се однесуваа на отуѓување на градежното неизградено земјиште на кое е предвидено да се изгради дом за стари лица, катна гаража и автобуска станица.
Првата одлука се однесува на отуѓување на градежно неизградено градежно земјиште сопственост на Македонија за изградба на дом на стари лица кој е предвидено да се гради во КО Охрид 4 а врз основа на претходно донесена урбанистичка планска документација од април 2013 година. Домот за стари лица ќе се гради на локација на излезот од градот по стариот пат Охрид – Струга веднаш по населбата Даљан на охридското крајбрежје, објасни охридскиот градоначалник, Никола Бакрачески.
Катната гаража ќе се гради во непосредна близина на охридскиот пазар.
Создавањето на услови пак, за изградба на современа автобуска станица е еден од приоритетите на Локалното раководство , со оглед на тоа што сегашната автобуска станица не доликува за туристички центар како што е Охрид и е многу полоша во однос на претходната која беше изградена по сите стандарди. Земјиштето на кое е предвидено да се гради автобуска станица се наоѓа во КО Охрид 2 а врз основа на претходно донесениот урбанистички план од јуни 2014 година.