Мегленци, Битола
Општо познат факт е дека човекот е единственото живо суштество кое генерира отпад што ја загрозува животната средина. Додека светот веќе создаде цела индустрија која се базира на отпадот, од селектирање и рециклирање, до производство на енергија (топлинска и електрична) од отпад, за жал нашиот однос кон отпадот (чест на исклучоците) сè уште се сведува на прашањето каде да го одложиме? Просто одлагање на отпадот, и ништо повеќе. Третманот на отпадот кај нас, сè уште е само на хартија, во убаво спакувани стратегии, планови и други документи во бирократијата на општините, но и во министерствата надлежни за оваа проблематика.
Струшка депонија
Настаните од јуни годинава со депонијата во Струга, односно пожарот кој со денови го гушеше градот во чад, а и уште го гуши, иницираше многу расправи и полемики во јавноста, но на крајот, аргументите не излегоа подалеку од сферата на дневната политика. Сепак, ако се знае дека во земјата има уште 53 депонии чиј начин на експлоатација не е докрај регулиран (освен Дрисла), а се шпекулира и со бројка од околу 1.000 диви депонии, тогаш за волја на вистината треба да се признае дека проблемот не е ниту од вчера, ниту од минатата година, туку негрижата за системско решавање на управувањето со отпадот се провлекува со години, односно децении. Затоа и не треба да изненадува податокот дека 90 % од емисиите на стакленички гасови од отпадот во Македонија потекнуваат токму од депониите.
Депонија во Тетово
Струга е само повод за овој текст, но Струга не е единствена причина за да се иницира преземање на конкретни активности, бидејќи градот на поезијата не е осамен случај. Дотолку повеќе што Општина Струга, на 25.7.2016 доставила до МЖСПП, „Известување за намера за изведување на проектот: Изградба на времена депонија за неопасен отпад во Општина Струга“ (документ кој е јавно достапен на веб-страницата на ова Министерство). Во документот се вели дека се работи за депонија од привремен карактер, опишани се сите мерки кои ќе се преземат за намалување на нејзиното влијание врз животната средина (воздух, води и почва) и се наведува дека ќе бидат преземени мерки за заштита од пожари. Во тој контекст, навистина е индикативен периодот на појавување на пожарот на оваа депонија. Дали некој сакаше да ја испровоцира немоќта на надлежните во акутното справување со овој проблем? Николина Велкоска од Струга, член на Советот на Општината од 2013 година вели: „Овој проблем не е од денес. Стружани со нелегалната депонија и последиците од нејзиното постоење се соочуваат повеќе од деценија. Интересен е фактот што проблемот се актуализира со смената на власта, иако дел од струшките еколози изминативе години излегуваа со свои реакции во јавноста. Во Советот на Општина Струга, исто така последниве четири години имаше дебата и апел за изнаоѓање решение, но сè се сведуваше на формирање комисии кои за жал никогаш не профункционираа. Жалам што невладиниот сектор речиси десет години не собра храброст да проговори за проблемот со струшката депонија. Од кого стравуваше, навистина не е јасно. Сега сите станаа душегрижници за граѓаните на Струга.
Но, ова не е политичко, туку навистина комплексно прашање и бара вклучување на сите надлежни институции, како и експерти со цел да се најде квалитетно и одржливо решение, а не парцијално и на краток рок“ – потенцира Велкоска. Одржливото решение за проблемот е во изградба на регионална депонија за Југозападниот Плански Регион. Меѓу потенцијални 12 локации избрана е локацијата во Општина Дебарца, во селото Годивје, како најпогодна за регионална депонија. Но, веднаш по одржаната јавна расправа во средината на јули 2017 за Студијата за влијанието врз животната средина, локалната управа се спротивстави на овој концепт и испрати порака дека нема да се дозволи депонијата да се гради во Општина Дебарца.
Вториот повод за овој текст е дивата депонија во Тетово. Рак-рана на овој град веќе долги години. Не помогнаа ниту многубројните протести, ниту гласот на ревносните еколошки активисти од градот кој заедно со Скопје се рекордери според загаденоста на воздухот не само во земјата туку во поширокиот регион. Палењето на депонијата кое се случуваше во повеќе наврати, уште повеќе ја влошува состојбата. Како да се спречи понатамошното депонирање отпад на ова место лоцирано само на еден километар од градскиот пазар? Нема концепт, нема интегриран пристап, ниту какво било солидно односно одржливо решение на повидок. За поздравување е изградбата на т.н. претоварна станица во средината на јули годинава, преку која отпадот ќе се собира и ќе се транспортира на депонијата Дрисла, но се чини дека овој потег е само краткорочно ублажување на проблемот, а идеја за трајно решение не е на повидок.
Вакви проблеми како во Струга и Тетово има речиси во секој град во земјата, но веројатно не толку драстични и можеби не толку третирани во пошироката јавност.
Ќе си признаеме ли конечно како општество дека сите сме одговорни за неефикасноста во креирањето на политиките од областа на животната средина, а уште повеќе за неефикасноста во нивната имплементација? Или пак, веројaтно најлесно ни е ѓубрето да го криеме под тепих? Во однос на легислативата за отпад и управување со отпад, во Македонија на сила е Законот за управување со отпад (Службен весник на Република Македонија бр. 68/2004, 107/2007, 102/2008 и 143/2008), понатаму, изработена е Стратегија за управување со отпад на Република Македонија 2008-2020, а за оваа тема од особено значење е Правилникот за условите кои треба да ги исполнуваат депониите (Службен весник на Република Македонија бр. 78 од 22.6.2009 година). Планови, проекти, студии, работилници за зајакнување на институционални капацитети за управување на отпадот итн. Но, за жал сериозно се доцни со реализацијата на проектите кои се однесуваат на изградба на регионални депонии со одржлив систем на управување со отпад, како и затворање на постоечките депонии кои (освен Дрисла) не ги исполнуваат условите од претходно наведениот Правилник. На слика 1 е прикажано како треба да изгледа еден интегриран систем за управување со отпад во согласност со најдобрите практики на ЕУ.
Слика 1: Интегриран систем за управување со отпад во согласност со најдобрите практики на ЕУ
Ваквиот интегриран систем посветува огромно внимание на механичко-биолошки третман и сортирање и рециклирање на материјалите, додека само еден дел на крајот се одлага на депонијата. Третманот на отпадот на овој начин овозможува производство на биогас како и употреба на комуналниот отпад како гориво за генерирање на топлинска и електрична енергија и сл. Овој процес накратко е прикажан на слика 2.
Слика 2: Основни принципи на шемата за управување со комунален отпад
Што се однесува до структурата на отпадот кој на годишно ниво се генерира во целата земја, комуналниот отпад зафаќа само еден дел. Отпадот од индустријата, рударството, земјоделството, градежништвото овозможува многу голем потенцијал за повторно искористување преку рециклирање. Рециклирањето е посебна индустрија во развиениот свет и многу вносен бизнис. Структурата на отпадот во Македонија во 2008 година е прикажана на слика 3.
Слика 3: Учество на различните категории отпад во Македонија во 2008 година
Согласно со европското законодавство, современиот пристап на проблемот на отпад (начело на хиерархија) подразбира систем на управување, кој се состои од намалување (избегнување, минимизирање), искористување (рециклажа), повторна употреба, обработка и отстранување на отпадот на начин безбеден за околината. Системот на управување на отпадот, исто така подразбира одржлив развој, претпазливост, начело на близина и регионален пристап на управувањето со отпад, одговорност на создавателот на отпад, односно секој да се однесува етички, но и материјално да одговара за отпадот кој го произведува (принцип: „загадувачот плаќа“). Всушност, еден од главните предизвици на Република Македонија е токму квалитетно и одржливо управување со цврст комунален отпад, за да се овозможи пристапување во ЕУ. Токму затоа меѓу приоритетите, треба да биде не само креирањето квалитетни стратегии и планови за управување со цврст комунален отпад, туку и да се овозможи нивно реално имплементирање во практика. Самото финансирање, пак, на проектите од овој домен, потребно е да се темели на добро менаџирани соодноси помеѓу инволвираните стани, без оглед дали станува збор за јавна, приватна, или јавно – приватна соработка. Законодавството за отпад на ЕУ, доживеа интензивен развој во последните триесет години и го третира отпадот како економска можност и како ресурс за индустријата. Во ЕУ, составена од дваесет и осум земји, само во секторот рециклажа функционираат 1,5 милион вработувања, без Бугарија и Романија, со вкупен промет од околу 100 милијарди евра. Врз основа на искуството на земјите од ЕУ, во Македонија е потребно да се направат итни активности со цел подобрување на состојбите. Имено, инвестициите во секој од регионите во врска со подобрување на постоечките услови за управување со цврст комунален отпад потребно е да опфатат: изградба на регионална санитарна депонија во согласност со Директивата за депонии; организација на процес на селекција на компонентите на комуналниот отпад таму каде што е можна преработка на посебните компоненти од отпадот; собирање и транспорт/трансфер на остатоците од измешаниот отпад; санација на дивите депонии. Република Македонија има пристап до претпристапната помош на ЕУ преку IPA и исполнува услови за добивање помош во рамките на сите пет компоненти од програмата. Фондовите за инвестиции во инфраструктурата за животна средина бараат значително кофинансирање (од околу 30 % од вкупната цена на чинење на проектот), кои треба да се обезбедат од различни извори – државниот буџет, кредити и сл. Но, за жал, веќе долги години се одвива неуспешна реализација на изградба на регионални депонии. Имено, со измените и дополнувањата на Законот за управување со отпад, од октомври 2012 година, опфатени се и надлежностите коишто ги преземаат општините при управувањето со комуналниот цврст отпад. Суштинските измени на Законот се однесуваат на воведување на регионално управување со отпад, односно на обврската на општините да формираат регионален центар за управување со отпад, поточно воспоставување на регионален систем за управување со отпад со акцент на формирање регионална депонија за отпад и/или други објекти и инсталации за постапување со отпад. Според експертите, на Североисточна Македонија најмногу ѝ е потребна изградба на регионална депонија која би требало да ги услужува граѓаните од општините Куманово, Крива Паланка, Старо Нагоричане, Кратово, Ранковце и Липково, и истата треба да биде лоцирана во близина на местото Доброшане. Но, иако изградбата на оваа регионална депонија е ветувана со години наназад, а Куманово влезе во проектот на ЕУ за изградба на пет регионални санитарни депонии во земјава уште во 2006 година, досега изведбата на работите не е започната. Не само за депонијата во Североисточна Македонија, туку за ниту една од планираните пет регионални депонии.
Дрисла
Југоисточниот Регион во 2012 година преговараше со австриската компанија АСА, но дијалогот пропадна поради разликите околу цената што требаше да ја плаќаат граѓаните за собирање на ѓубрето. Австријците побарале месечно домаќинствата од руралните подрачја да плаќаат по 300 денари, а од урбаните средини по 600 денари. Па така, денес овој регион постапката ја почнува од нула, односно врз база на регионалниот план за управување со отпад, бараат нов концесионер. Структурата на отпадот од овој регион е особено интересна бидејќи има голем процент на земјоделски отпад, односно околу 50 проценти од отпадот е биоразградлив. Но, во ниту една од 10-те општини нема целосна селекција на отпадот ниту компостери, а праксата покажува дека земјоделците неретко остатоците од зеленчук ги оставаат по патишта, канали или селски депонии. Што се однесува до изборот на локацијата за регионална депонија во овој регион, утврдено е тоа да биде во атарот на Добрашинци во Општина Василево.
На ниво на Македонија, единствено Градот Скопје и Општина Прилеп имаат во план реализација на комплекси во кои нема само да се депонира, туку и ќе се преработува отпадот. Локалните власти од Прилеп ја добија неопходната опрема за селекција на отпадот уште во 2013 година, и истата е во функција. Но, во рамките на прилепската депонија Алинци треба да се гради фабрика за преработка на комунален биоразградлив отпад, и создавање на компост, за која веќе е потпишан договор за реализација. Пред два месеци во медиумите локалните власти презентираа дека проектот чини 60 милиони денари, и се очекува да се заврши до крајот на 2018 година.
Додека овој проект е во фаза на изведба, депонијата „Дрисла“ за која во 2014 година, по повод 20-годишнината од постоењето, на големи ѕвона се најавуваше сериозна модернизација преку италијанскиот партнер – конзорциумот „ФЦЛ Амбиенте“ и „Униеко“, досега не видовме ништо друго освен ветувањата.“
По повод споменатиот јубилеј во јавноста беше испратено следното известување:
„Дрисла 2014 – Депонија само за складирање отпад од Скопскиот Регион.
Дрисла 2018 – Една од најчистите, најбезбедните и најекономичните депонии во регионот, во која собраниот отпад се селектира, третира, максимално искористува и само мал дел се депонира.“
Како би требало да работи „Дрисла“, во која италијанскиот конзорциум има удел од 80 % а Градот 20 %, согласно физибилити студијата подготвена уште во 2011 година? Одговорот накратко е презентиран во следните 11 точки:
1. Запечатување на постоечкото тело на депонијата со капацитет: 2,7 милиони тони депониран отпад. Инвестиција 14.900.000 евра. Краен рок за изведба – не подоцна од крајот на 2016 година. Експлоатација на депониски гас од депонијата.
2. Изградба на ново тело на депонијата со капацитет од 14 секции со 5 милиони тони отпад. Инвестиција 12.000.000 евра. Краен рок за изведба – не подоцна од крајот на 2016 година.
3. Изградба на систем за црпење и согорување на депониски гас. Капацитет: 70 бунари. Инвестиција 1.500.000 евра. Краен рок за изведба – не подоцна од крајот на 2017 година. Во телото на депонијата ќе се вгради систем за црпење на депонискиот гас, во најголем дел метан кој ќе се транспортира до електраната со инсталиран капацитет од 2 MW електрична енергија (со повластена тарифа) и околу 2 MW топлинска енергија.
4. Изградба на фабрика за прочистување на отпадни води. Инвестиција 2.650.000 евра. Краен рок за изведба – не подоцна од крајот на 2017 година.
5. Фабрика за селекција на отпад и создавање на алтернативно гориво со капацитет од 250.000 тони годишно. Инвестиција 21.400.000 евра. Краен рок за изградба – не подоцна од крајот на 2017 година.
6. Постројка за третман на инертен (градежен) отпад со капацитет од 90.000 тони годишно. Инвестиција 1.800.000 евра. Краен рок за изградба – не подоцна од септември 2018 година.
7. Постројка за третман на опасен и неопасен индустриски отпад со капацитет од 150.000 тони годишно. Инвестиција 7.900.000 евра. Краен рок за изградба – не подоцна од септември 2018 година.
8. Постројка за третман на медицински отпад со капацитет од 1.600 тони годишно. Инвестиција 3.000.000 евра. Краен рок за изградба – не подоцна од крајот на 2015.
Новиот инсенератор е планирано да има значително поголем капацитет од постоечката печка за спалување на медицински отпад. Во него на температура од 1650 степени Целзиусови, покрај медицински отпад ќе се согоруваат опасни масла и пакувања од пестициди и хербициди. Од процесот на согорување ќе се добиваат 500 КWh електрична и топлинска енергија.
9. Автоматизирана перална за комунални возила со капацитет од 800 возила дневно. Инвестиција 200.000 евра. Краен рок за изградба – не подоцна од крајот на 2016.
10. Постројка за третирање на отпад од зеленило, шуми и слична биомаса со капацитет: 20.000 тони годишно. Инвестиција: 1.000.000 евра. Краен рок на изградба – не подоцна од крајот на 2018. Во оваа постројка отпадот од зеленило, шуми и слична биомаса ќе се компостира дел со аеробна, а дел со анаеробна технологија. Краен производ на процесот ќе биде природно ѓубриво.
11. Механизација, опрема и нови работни и административни згради во вредност од околу 6.500.000 евра. Краен рок за набавка и изградба – не подоцна од крајот на 2016 година.
Според тоа, со крајот на 2018 год. вкупната инвестиција во „Дрисла“ на италијанскиот конзорциум предводен од „ФЦЛ Амбиенте“ е планирано да изнесува 73 милиони евра.
Убави планови, но за жал со пробиени рокови по речиси сите точки.
Генерално, изградбата на секоја од предвидените регионални депонии ќе се соочува со сериозни проблеми не само од институционална и финансиска природа, туку веќе станува извесно дека отпорот од страна на локалното население и локалната власт ќе биде сериозна пречка.
За жал, токму поради фактот што во овој вид инфраструктурни проекти се гледа само проблем, а не и можност за сериозен локален економски развој, за нивната реализација ќе треба уште да чекаме, а дотогаш ќе се воодушевуваме од одржливите практики на другите земји и нивните модерни постројки за енергија од отпадот. Не мора да одиме подалеку од регионот за да се увериме во успешноста на овие проекти. Како пример може да ја земеме Љубљана, каде постои една од најмодерните постројки за третирање на отпад и генерирање енергија од отпад во Европа, според најсовремените еколошки стандарди. Одржливо и профитабилно решение.
Но, додека во Европа отпадот веќе од поодамна е сериозен ресурс, кај нас и натаму останува само олицетворение на нашата негрижа (индивидуална, колективна и институционална) и најпластичен визуелен приказ на детериорацијата на нашата еколошка свест.
Mojata ponuda togas bese 65.000.000 Evra, no mojot partner se otkaza zosto vo tenderot se insistirase za vlozuvanje po princip Javno-Privatno partnerstvo. Komnentarot na partnerot bese deka nesaka da bide ortak so drzavata I moze ili da dade ponuda da prodade ili da bide sam gazda. Imav I biznis plan kade se predviduvase investicijata da se vrati za 8-9 godini. Za zal vidovme kako drzavata so nebulozni predlozi se igra so gragjanite. Dokaz deka italijanskata firma uste ne pocnala so realizacija a kamo li da zavrsi so 2018 godina.