Со доаѓањето на новата генерација електрични автомобили и зголемувањето на автономијата и до 500 километри со едно полнење, електричните автомобили станаа возила кои нема да се користат само за кратко возење низ градот, туку вистински семејни автомобили.
За поголем успех на нивната продажба цената е најголемата пречка, бидејќи се уште е превисока за поголемиот дел од клиентите. Недостигот на адекватна инфраструктура за полнење исто така во голем број земји е сериозна бариера. Во земјите како Норвешка или Франција, политичките одлуки во вид на даночни олеснувања и субвенции, овозможија отстранување на овие бариери и го направија купувањето на овие возила подостапно. Од регионот, Хрватска исто така овозможува значителни бенефиции за купување на електрични возила кои резултираа со одредени поместувања, додека во Македонија се уште куповната моќ на населениото е далеку од оваа опција, и покрај можноста за субвенционирање.