Општина Кисела Вода ја стави на продажба градежната парцела спроти паркот „Шопен“, во близина на објектот на општина Кисела Вода.
По пат на електронско јавно наддавање , ќе се одлучи кој ќе ја има најповолната понуда за изградба на објект со намена домување во станбена зграда (А2), со компатибилна намена Б, односно деловни и комерцијални намени.
Површината на градежната парцела изнесува 1079 метри квадратни, на која може да се изгради објект кој во основа ќе биде 706 метри квадратни, ќе има бруто развиена површина од 4945 метри квадратни и максимална висина од 21 метар.
Почетната цена на јавното наддавање за градежните парцели е 4.300 денари за метар квадратен. Ќе се врши чекорно наддавање со зголемување на вредноста на секој чекор не помалку од 430 денари.
Вкупниот депозит за учество на наддавањето изнесува 700.000 денари, а банкарската гаранција е со износ од 20.000 евра.
Со банкарската гаранција во износ од 20.000 евра, во денарска противвредност за сериозност на понудата, заинтересираните физички и правни лица ќе гарантираат дека ќе ја уплатат крајно постигната цена за отуѓување на градежното земјиште на електронското јавното наддавање.
Гаранцијата ќе има рок на важност до 04.05.2015 година.
Пријавите за учество на јавното наддавање за ГП 5.1 можат да се достават до 23.03.2015 година на интернет адресата www.gradeznozemjiste.mk. Јавното наддавање, ќе се оддржи електронски на интернет страната www.gradezno-zemjiste.mk. Ќе започне на 27.03.2015 година, во 10:00 часот и истото ќе трае 15 минути.
Објавата за продажба на земјиштето и сите дополнителни информации се објавени во весниците Дневник, Вест и Вечер, како и на интернет страната на Општина Кисела Вода, www.kiselavoda.gov.mk.