Во градот Линен, во покраината Северна Рајна Вестфалија, деновиве почна изградбата на првата станбена зграда во Германија од 3Д печатен бетон, која целосно е финансирана од јавни средства.
Трокатниот објект на станбената кооператива „Линен“ ќе има вкупно шест станбени единици, чие изнајмување ќе чини само шест евра за метар квадратен.
Елементи со висока стабилност на обликот
За изградбата на зградата ќе се користи 3Д печатен бетон од Heidelberg – производ кој целосно може да се рециклира како минерален материјал. Покрај тоа, овој бетон содржи врзивно средство кое има околу 55 отсто намалени емисии на јаглерод диоксид во споредба со чистиот цемент.
Поради сите свои својства, овој материјал е погоден за 3Д печатење. Исто така, бетонот на Heidelberg е развиен со цел неговата цврстина да биде таква што ќе се постигнува многу рамномерно печатење, што воедно значи дека се создаваат елементи со висока стабилност на обликот.
„3Д печатениот бетон на Heidelberg Materials овозможува изградба на одржливи и достапни станови за многу кратко време. Горди сме што сме дел од овој пионерски проект, особено во време на криза во просторот за домување“, изјави за порталот Бетон, д-р Јерг Дитрих, директор на инженеринг и иновации и раководител на производствен менаџмент во Heidelberg Materials.
Според проектот на бирото Steinhoff Architekten, предвидено е приземјето и првиот кат од зградата да бидат изградени со примена на постапката на 3Д бетонско печатење, како и структурата на бетонот да се задржи и во изгледот на фасадата.
Што се однесува до поткровјето, тој ќе биде изработен од хибридна дрвена конструкција, а она што е особено фасцинантно е фактот што вкупното време на изградба предвидено за 3Д печатење ќе изнесува помалку од 100 часа.
„Нашиот фокус е конкретно на достапно домување. За тоа да го постигнеме, потребни ни се нови насоки. Затоа поврзувањето со иновативни идеи како 3Д печатење на бетон е особено важно за нас. Горди сме што го следиме развојот на оваа нова градежна постапка со нашите партнерски проекти“ – изјави Јан Хише, претседател и извршен директор на станбената кооператива „Линен“.
Вкупните трошоци близу два милиони евра
Министерството за локална самоуправа, градежништво и дигитализација на Северна Рајна Вестфалија ја поддржало изградбата на станбена зграда во Линен со 400.000 евра од државната програма за поддршка „Иновации во градежната индустрија“.
Исто така, Министерството обезбедува околу 1,3 милиони евра од програмата за јавна поддршка за станбено згрижување.
Вкупната цена на овој градежен проект е 1,9 милиони евра.