Експерименталниот дизајнерски и архитектонски колектив ‘OH.NO.SUMO’ од Нов Зеланд креира еден вид минијатурно кино на отворено, користејќи ги постоечките скали на една зграда во градот Окленд, Нов Зеланд. Според авторите, целта на овој проект, насловен ‘Stairway Cinema’, е социјализација и комуникација преку прикажувања на кратки филмови од Интернет. Идејата е да се оживее самиот дел од градот во близина на автобуска станица, место каде се собираат луѓето, но социјалната интеракција е мошне слаба. Целта на оваа група креативни луѓе е заедницата меѓу себе да не биде поврзана само преку социјалните мрежи, преку „share“ и „like“, туку и физички и јавно. Проектот ‘Stairway Cinema’ ја користи архитектурата на начин да се преиспита нејзината улога во создавањето нови (постоечки) простори, но и за провокација на општествените трендови. Конструкцијата од борови греди е преслечена со тројно платно: надворешниот дел е водоотпорен, а внатрешната мека површина е за проектирање на филмови. Таквата форма станува еден вид заштитна „хауба“ која еден мал јавен простор како што се скалилата ги претвора во полу-ентериер, со доволна дистанца од градската бучава. Иако без интимата на кино седиштата, и само со неколку удобни перници, ова кино е во потполност демократско место за средби меѓу соседите што меѓусебно често се гледаат, поминуваат едни покрај други, а воопшто и да не се ни познаваат лично.