Откако минатата година со помош на оваа револуционерна технологија кинеската компанија WinSun направи десет семејни куќи, сега реши да оди чекор подалеку, или попрецизно кажано повисоко. Се работи за петкатница во индустрискиот парк Суџу, со вкупна станбена површина од 1.100 квадратни метри, изградена во согласност со најстрогите градежни и еколошки стандарди.
Во изградбата на оваа зграда е користен 3D печатач долг 40 метри, висок 10 метри и широк 6,6 метри. Овој иновативен процес носи значителни заштеди, а особено се намалува времето на изградба за дури 50 до 70%. Од друга страна, пак, огромни се можностите за користење на рециклирани материјали, што го прави ваквиот начин на градба одржлив. Цената за изградба на петкатницата е 161.000 долари.