Насловна / Архитектура / Кинески кварт на Банкок: Едни се замислуваат како бездомници, други се надеваат на профит

Кинески кварт на Банкок: Едни се замислуваат како бездомници, други се надеваат на профит

Beijing Tong Ren Tang некогаш била клиника за кинеска медицина сместена на аголот на патот Чароен Крунг, една од главните артерии на Кинескиот кварт во Банкок.charoenchai community1

Семејниот бизнис на доселениците од Кина (пред две генерации), се развивал преку поинаков пристап кон чудната кинеска медицина, нудејќи програма во која вклучуваа лекари, аптека и акупунктура приближувајќи и објаснувајќи ги неразбирливите „начини“ на кинеските лекови до новите помлади генерации.2

Објектот бил препознатлив по својата модерна архитектура и дел од конгломератот на мали кинески заедници вдомени во куќи во низа, кинески храмови, дневни пазари, простори за изведување на кинеска опера, кино објекти. Локацијата, близината на историскиот град (позиционирањето на островот Ратакосин) се уште ја „балансираше“ високата цена на земјиштето и изнајмувањето на простор во овој дел на градот. Фамилијата објаснува дека се до почетокот на 2013 година надоместокот за изнајмување се движел околу 8.000 евра. Најпрвин договорите биле за годишно изнајмување се додека не започнале да стануваат краткротрајни, изнајмувајќи го просторот од месец за месец.SiteResearch2

Амбициозните планови на Градската администрација на Банкок за експанзијата во транспортот на градот го сместија патот Чароен Крунг на мапата, за новата станица храмот Мангкорн, за продолжување на метро (сината) линијата. До 2019 година се очекува линијата да го продолжи транспортот од Кинескиот кварт низ историскиот дел на градот и преку реката Чапраја. Beijing Tong Ren Tang беше првата срушена куќа, на почетокот на 2013 година, за да се направи соодветен простор за градилиштето. Малите заедници во околината на станицата сè уште изразуваат збунетост и несвесност за иднината на нивните живеалишта и бизниси. 4

Од страните никнат билборди на кои се проектираат рендери на кондоминиуми и трговски центри кои ветуваат дека ќе направат простор за спојување на традиционалното и современото. Без соодветна студија на реперкусиите врз градот, заедниците и историските јадра, објектите во кои социјалниот живот е таложен со генерации, остануваат во прашалници и во постојани преговори за простор, без слика за крајниот резултат. Ранливите сиромашни граѓани и имигрантите секој ден стравуваат дека едноставно ќе бидат оставени да преживуваат на улица.charoenchai community

Урбаното ткиво на Банкок, вклучително и во делот на Кинескиот кварт, е исткаено во најголем број од четирикатни куќи во низа, изградени за време на 60-тите години, служејќи како оптимално и економично решение за побарувачките на живеалишта во мугрите на урбанизацијата. Експандирањето на градот, новите аспирации и развoјот оставија голем број куќи во низа да се трансформираат во сцени на напуштени пештери, без трага од она што претходно било духот на времето на урбанизацијата. Неупотребени и минимално одржани, некои од нив се наоѓаат на атрактивни локации како станиците за метро и надземниот воз. Сепак, во Кинескиот кварт тие се густо населени со заедници коишто имаат свои обичаи, традиции и обележја, мали бизниси, продавници, пазари, рачни изработки.

Експанзијата на транспортните линии во Банкок се движи во ист чекор со менувањето на урбанистичките планови. Новите регулативи дозволуваат зголемување на коефициентот на искористеност од четири на седум во радиус од 500 метри од влезовите/излезите на метро станицата. Транспортниот пристап кон овој дел на градот (Кинескиот кварт) овозможува отворање на нови бизниси, проток на голем број посетители, граѓани на Банкок, меѓутоа и хируршко навлегување во автентичното историско јадро на градот. 5

Институциите одговорни за заштита на архитектонско и културно вредните објекти во Кинескиот кварт, поднесуваат извештаи дека само 10-ина куќи се вредни за конзервација на ниво на целиот Кинески кварт, додека Архитектонските факултети преку истражувања доаѓаат до бројката 4.000 објекти кои се вредни да бидат заштитени и реставрирани заради своите автентични особености, традиција, стил и квалитет на архитектонски простор.

Огромно градилиште го прекинува патот Чароен Крунг, барајќи постојана потреба од полиција која го регулира автомобилското и пешачкото движење. Во тесните коридори преградени со ламарина на градилиштето стојат луѓе со тезги и продукти обидувајќи се да преживеат, бунтувајќи се преку окупирање на просторот и не напуштајќи ги своите домови. Три стари заедници, Чароен Чаи, Плеанг Нам и Кром Путарес, се директно под влијание од промените за развој. porta 3 _ srusen objekt mapa

Земјиштето и најголемиот процент на објекти припаѓаат на Бирото за кралска сопственост и државната Пантип фондација, кои престанаа со договори за долгорочно изнајмување на простор во трите заедници и издаваат договори од месец за месец. Заедницата Чароен Чаи се заложи и направи иницијатива за музеј во кој ќе се документира нивната историја од пристигнувањето во Тајланд. Во трошна просторија во една од куќите во низа, во состојба пред распаѓање, се изложени богати костуми од кинеската опера, предмети за обичаите за свадби и погреби кои се карактеристични за оваа заедница и многу фотографии, писма, исечоци од весници кои го документираат нивното населување.

Малите дистрикти на Кинескиот кварт сè уште припаѓаат во комерцијална зона според урбанистичките планови, што дозволува изградба на објекти од голем размер. Во 2010 година група архитекти почнува да се залага за заштита на заедницата Чароен Чаи, да прават мали поправки на куќите и да ги убедуваат жителите да се грижат повеќе за архитектонскиот простор. „Ова не се само историски руини, ова е историја која е жива“ – нагласува професорот Јонтанит. Blue-Line-Extension

Воочувајќи ја разликата во пристапот кон историските места во градовите на Европа и Азија, луѓето допрва развиваат разбирање за сензибилитетот и вниманието кон историското наследство. Тиамсоон Сирисрисак дел од групата на конзерваторите прашува: „Доколку продолжиме да ги рушиме историските објекти, каде ќе ги најдеме културните извори за индината“?

Хаос го опкружува градилиштето на патот Чароен Крунг, некои се надеваат дека изградбата на метрото ќе донесе повеќе можности за продажба, некои луѓе се замислуваат како бездомници, некои се надеваат на профит. Во заднина тивко се одвива процесот на деконструирање на просторно, историски и културно вредните заедници на Кинескиот кварт заради ветувањето на новата глобална архитектура.

(Продолжува во следниот број)

 

Александра Шекутковска, дипл.инж.арх.

(Специјално за „Порта 3“ од Тајланд)

 

 

 

 

 

 

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top