Кинеските власти донеле одлука со која „строго забранува“ плагијат на зградите, но и изградба на многу високи згради во оваа земја. Новиот закон, донесен на 14 мај од Министерството за градежништво и урбан развој, носи голем број мерки насочени кон подигање на архитектонските стандарди во Кина.
За почеток, копирање на згради е забрането, така што сега „плагијат и имитации на архитектурата се строго забранети“. Во минатото се појавија разни примери на кинески копии на светски познати градби, како Оперската куќа Сиднеј или Центарот Помпиду, а најнов пример е плагијат на лондонскиот мост „Тауер“, кој е двојно поголем од оригиналот. Се разбира, сите се сеќаваат како целото австриско село беше клонирано во Кина.
Врз основа на новиот закон, оваа практика ќе биде строго забранета, но има и некои други вести во врска со (многу) високи згради.
Упатствата на новиот закон влијаат и врз изградбата на облакодери кои никнуваат како печурки по дождот во Кина. Владата „строго ќе го ограничи планирањето и изградбата на супер високи облакодери“, се вели во законот.
Во принцип, не смеат да се градат нови згради над 500 метри, се вели во донесениот закон.
Законот исто така наведува дека земјата „строго ќе ја ограничи изградбата на нови згради повисоки од 250 метри“.
Минатата година беше рекордна година за изградба на многу високи облакодери, односно згради високи 300 метри. Во 2019 година, ширум светот се изградени дури 26 супер високи облакодери, а највисокиот се наоѓа во Тијанџин, Кина, висок 530 метри. Повеќето високи облакодери биле изградени во Кина, а повеќето во Шенжен. Соединетите американски држави се на второто место, а потоа следува Индија со седум високи згради.
Кинеските власти решија да ги зголемат архитектонските стандарди во Кина, па оваа мерка доаѓа по законот со кој се забранува изградба на „чудни градби“ донесени во 2016 година. Кинескиот претседател апелираше во 2014 година да се стави крај на „чудната архитектура“, кога критикуваше бројни необични градби низ целата земја, како што е копија на американскиот Капитол или копија на целото австриско село Халштат, кое е под заштита на УНЕСКО.
Директивата тогаш ги повикуваше архитектите да направат згради што биле попогодни, економични, позелени и попријатни за око „од оние што биле преголеми, ксеноцентрични и чудни“.