Најголем светски загадувач со пластика сега е Индија, која е одговорна за речиси една петина од глобалните емисии кои потекнуваат од пластиката, со 9,3 милиони тони пластичен отпад годишно. Ова го покажува научната студија објавена во часописот Nature. Проценето е дека глобално 52,1 милиони тони пластичен отпад се генерира на годишно ниво. Истражувачите од Универзитетот во Лидс, користеле напредни техники за моделирање за мапирање на емисиите на пластичен отпад во 50.702 општини ширум светот. Овие податоци нудат увид во изворите и интензитетот на загадувањето со пластика. Студијата го идентификува несобраниот отпад како најголем причинител на загадувањето со пластика, со што се оспоруваат претходните претпоставки за главните извори на загадувањето со пластика и укажува на потребата од подобрување на услугите на собирање на отпад, особено во земјите со ниски и средни приходи.
Студијата открива и остар контраст помеѓу глобалниот Север и Југ. Додека земјите со високи приходи придонесуваат со само 0,3% во глобалните емисии од овој извор на загадување, земјите од јужна Азија, подсахарска Африка и југоисточна Азија и секако Индија генерираат огромни количини пластичен отпад. Изненадува фактот што Кина, која често се смета за најголем загадувач со пластика според претходните модели, сега е на четвртото место. Истражувачите тоа го припишуваат ан напредокот на Кина во постројки за спалување на отпад и контролирани депонии.