Кина во неделата го вгради последниот дел во својот научен проект кој ќе биде најголемиот радио телескоп на светот за истражување на Вселената и потрага по вонземските облици на живот.
Кинеските научници започнаа со изградбата на сферниот телескоп со дијаметар од 500 метри (FAST) пред пет години. Тој е со големина од 30 фудбалски игралишта и издлабен од планина во сиромашната југозападна покраина Гуижу.
Имајќи предвид дека ќе биде најголемиот телескоп, тој ќе биде и најефикасниот во фаќањето на слабите сигнали од Вселената, коишто е можно да бидат поврзани со интелигентна форма на живот. Трипати е почувствителен од досега најголемиот Аресибо, опсерваторијата во Порторико.
„FAST ќе биде користен за трагање по невообичаени објекти за подобро да го сфатиме потеклото на космосот, а ќе трагаме и по сигналите на вонземјаните“, вели Женг Ксианиан, од Кинеската академија на науките.
Водечкиот научник на проектот Нан Редонг изјави претходно дека „радио телескопот е како чувствително уво коешто се обидува да ги разликува битните радио пораки од буката во Вселената. Тоа е како да се обидете да слушнете штурец во бура“.
Радио телескопот, чие градење чинеше 180 милиони долари, ќе биде во наредните две децении водечки космички уред за оваа намена, тврди Женг.
Телескопот содржи 4.600 триангуларни панели, а е дизајниран како и споменатиот Аресибо, и со тоа што исто така ќе ја користи природната вдлабнатина која ќе ја поддржува сателитската антена (чинијата). Активната површина ќе може да се приспособува во различни насоки, со ефективната чинија со големина од 300 метри, којашто ќе биде во состојба да го покрива ноќното небо во рамките на 40 степени од зенитот. Работната фреквенција ќе биде од 0,3 до 3,0 GHz.
Изградбата на овој телескоп претставува голем исчекор за кинеската вселенска програма.
Ву Ксианпинг, директор на Кинеското здружение на астрономи, вели дека „поседувањето на почувствителен телескоп овозможува фаќање послаби или пооддалечени радио пораки кои ќе помогнат во потрагата по интелигентен живот надвор од нашата галаксија, но и во истражувањето на почетоците на Вселената“.