Кина, заедно со 177 други земји, е потписник за Договорот за климата од Париз, со што се обврза на премин кон одржлива енергетска иднина. Но, кинеското финансирање на енергетските проекти во Југоисточна Европа (ЈИЕ), е во спротивност со оваа обврска, имајќи предвид дека во моментот Кина е најголемиот инвеститор во технологии на јаглен во ЈИЕ. Овој факт, претставува сериозна пречка за земјите од регионот кои од една страна сакаат да ја зајакнат својата енергетска сигурност потпирајќи се на домашен енергент, но од друга страна пак мораат да ги исполнат строгите критериуми на ЕУ во поглед на емисијата на стакленички гасови како земји кандидати за членство во Унијата.
Досега во регионот потпишани се три Договори за финансирање на термоцентрали на јаглен од страна на кинеските банки: ТЕ Станари во БиХ, Блок 7 од ТЕ Тузла во БиХ, како и ТЕ Костолац Б3 во Србија. Најавени се и други проекти, потенцијални кинески инвестиции како: Бановиќи, Угљевик 3 и Гацко 2 во БиХ во вкупна вредност од 3,4 милијарди евра, како и проекти на Косово и Црна Гора кои се соочуваат со отпор од страна на НВО и локалните заедници.
Оваа ситуација поттикна шест невладини организации од БиХ и Србија јавно да го искажат својот став, чии поенти се пренесени во продолжение.„ Здравствените трошоци кои ги предизвикуваат постоечките термоцентрали во пет земји од Западен Балкан надминуваат 8 милијарди евра и предизвикуваат над 7.000 прерани смртни случаи годишно во цела Европа. Новите термоцентрали на јаглен би ги зголемиле овие трошоци за дополнителни 203 милиони евра годишно само во регионот на западен Балкан, а дури 528 милиони евра годишно во Европа. Кина би требало да го стори она што веќе го прават големите светски финансиски институции во последните две години – забрана на штетните кредити за јаглен, кој ќе треба да го враќаат даночните обврзници, но и да плаќаат со своето здравје, и да се фокусираат на инвестиции во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. Сакаме да ги предупредиме нашите политичари, дека наместо со развојот со кој секогаш се фалат, го осудуваат регионот на пропаст преку инвестициите од овој вид”, се наведува во соопштението.