Три милијарди евра ќе инвестира државната кинеска фирма Shenhua Energy Company Limited во грчката Copelouzos Group, пишуваат тамошните медиуми.
Двете компании ќе бидат партнери за развој на зелената енергија и за еколошката модернизација на постројките за производство на струја во Грција и во трети земји.
Shenhua Energy Company Limited е најголемиот производител на јаглен во светот и еден од најголемите производители на енергија во Кина како од конвенционални, така и од обновливи извори. Copelouzos Group е една од најголемите инвестициски групи во Грција во секторот на енергетиката и инфраструктурата.
„Нашата група верува во зелената енергија и изгледите на Грција. Убедени сме дека соработката со Shenhua Energy Company Limited ќе дејствува како катализатор за склучување на важни инвестиции и ќе ја охрабри енергетската индустрија во Грција. Таа треба да инвестира во зелената енергија и еколошката модернизација на енергетските индустрии“, сметаат Грците.