Според Energis (Центар за едукација и подигање на свеста за енергетската ефикасност), најголемиот потрошувач на јаглен во светот почнува да го намалува користењето на фосилни горива и тоа побрзо отколку која било држава на светот.
Официјалните податоци покажуваат дека Кина ги намалила емисиите на стакленички гасови во првите четири месеци од 2015-та за количина која е еднаква со вкупната емисија на Велика Британија за истиот период. Анализата е спроведена од страна на Greenpeace Energydesk platforme.
Податоците покажуваат дека потрошувачката на јаглен бележи пад од 7,4% во однос на претходната година, а се очекува и понатамошен пад со оглед на тоа што кинеската влада донесува нови прописи за животната средина и ги зголемува инвестициите во обновливи извори на енергија.
John Sauven, извршниот директор на Greenpeace во Велика Британија, вели дека другите држави треба да го следат примерот на Кина. „Низ историјата Кина се користеше како изговор дека не треба да се работи на сузбивање на климатските промени, а сега Кина треба да послужи како пример. Еден дел од прикажаното намалување на емисиите може да биде резултат и на забележаниот пад на БДП, но секако главната причина е акцијата на кинеската влада за намалување на употребата на јаглен и преструктуирање на економијата.“
Ова се охрабрувачки вести пред самитот за климата, кој ќе се одржи во Париз кон крајот на годинава, ако се знае дека токму Кина беше секогаш посочувана како земја која не се залага за заштита на климата и тешко може да постигне спогодба околу ова прашање со остатокот од светот.