Народна Република Кина има 56 функционални нуклеарни реактори, гради 25 и планира да изгради уште над 20. До крајот на оваа деценија, се верува дека ќе го заземе првото место во светот во однос на инсталираната моќност кога станува збор за нуклеарните централи.
Во првите петнаесет години од овој век, градовите во Народна Република Кина често ги заземаа речиси сите први десет места на листата на најзагадени урбани центри во светот. Тие, особено во зима, често беа покриени со магла од сив и црн смог од прашина од јаглен, индустриски и автомобилски издувни гасови.
Таа ситуација изискуваше итно (и скапо) решение, а властите и компаниите во најнаселената земја во светот почнаа да работат на решавање на таа опасна ситуација преку зголемување на инвестициите во електрични возила, соларни панели и изградба на нуклеарни централи.
Кина е една од ретките земји која не ја напушти, ниту ја забави изградбата на реактори по нуклеарната несреќа во Фукушима во 2011 година, туку продолжи да ја развива својата програма во таа област. Во изминатите десет години изгради дури 37 реактори (повеќе од половина од сите нови постројки од овој тип во светот), со што тројно го зголеми својот нуклеарен капацитет. Покрај прашањето за загадувањето, важни причини за тоа се секако потребата да се обезбеди сигурно снабдување со електрична енергија за растечката економија и притисокот на меѓународната заедница, особено на Западот, за намалување на емисијата на стакленички гасови.
Во мај оваа година, 56-тиот кинески нуклеарен реактор започна со работа во електраната Фангченганг, во автономниот регион Гуангси, недалеку од виетнамската граница. Според податоците на порталот „Статиста“, азиската држава на тој начин ја достигна Франција по бројот на реактори, со која сега го дели второто место во светот по тој показател.
Според податоците на Меѓународната атомска агенција, кинеските реактори имаат вкупна инсталирана моќност од 54 гигавати и, иако САД во овој домен го предводат светот со 100 гигавати (94 реактори), експертите проценуваат дека поради забрзаната изградба (Кина во моментов гради нуклеарна реактори со вкупен капацитет од 26 гигавати и згора на тоа планира уште 25 гигавати), до 2030 година азиската земја ќе го заземе првото место во светот кога станува збор за капацитетот на нуклеарните централи. Бидејќи, додека Кина пушти во употреба близу 40 нови реактори во изминатите десет години, САД во употреба воведоа само два.
Се верува дека во првата половина од оваа година во светот работеле вкупно меѓу 436 и 440 нуклеарни реактори кои произведувале околу 420 гигавати електрична енергија.