Од 5-ти до 7-ми март, Rimini Expo Centre ќе биде домаќин на третото издание на настанот посветен на енергетската транзиција KEY – The Energy Transition Expo, кој го организира Italian Exhibition Group (IEG). Настанот ќе собере стручњаци, компании и институции од Европа и Америка, кои ќе дискутираат за клучните теми и иновации во секторот на обновливи извори на енергија.
На повеќе од 90.000 квадратни метри во 20 хали во Римини во Италија, овогодишниот KEY – The Energy Transition Expo ќе го собори сопствениот рекорд по бројот на излагачи, тврдат организаторите. Минатата година учествувале 837 учесници од 25 земји, на вкупно 78.500 квадрати изложбена површина. Одржани се 123 стручни собири, а саемот го посетиле 53.157 луѓе.
Повеќе од илјада излагачи ќе ги претстават најновите технологии и решенија во областа на обновливите извори на енергија и енергетска ефикасност. Изложбениот простор е поделен на седум сектори: соларна енергија, енергија на ветерот, складирање на енергија, водород, енергетска ефикасност, електрична мобилност и одржливи градови. Покрај споменатите изложбени целини, ќе бидат организирани посебни тематски простори. Еден од нив, наречен Su.port – (Sustainable Ports for Energy Transition), ќе биде посветен на електрификација на пристаништата и развој на енергијата од ветер на море.
Покрај изложбениот дел, посетителите ќе имаат прилика да учествуваат во бројни панели, дискусии, работилници и други интерактивни настани, кои ќе опфаќаат широк спектар на теми од областа на енергетската транзиција. Вештачката интелигенција во енергетскиот сектор, паметните градови, електричната мобилност и водородот како енергент на иднината ќе бидат некои од темите на панелите. Новитет на овогодишниот саем е проектот „Зелени работни места и вештини“ кој има за цел поврзување на компаниите и младите таленти во секторот зелена економија. Исто така, за прв пат е организирана KEY иницијатива за доставување на научни трудови, која ќе им овозможи на истражувачите и стручњаците да ги претстават своите научни достигнувања во областа на обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност.