Научниците од City University of Hong Kong неодамна развиле нов вид на ултра бели керамички материјали кои можат значително да придонесат во ладење на зградите. Овој материјал, чија инспирација потекнува од инсектот Cyphochilus, се одликува со степен на рефлексија на сончевата светлина и топлината, постигнувајќи рекордно ниво на рефлексија од 99.6%. Станува збор за уште една пасивна метода за контрола на температурите во објектите без потрошувачка на енергија, како што е светлата боја на фасадите и сл. Но, иако неодамна се развиени ултра бели бои со рефлекција на сончевата светлина од 95%, тие имаат одредени недостатоци, вклучувајќи го и прашањето на нивната трајност.
Новиот керамички материјал развиен во Хонг Конг, ги надминува овие предизвици. Неговиот висок степен на рефлексија не е само резултат на бојата, туку и на неговата единствена наноструктура која ефикасно го распрскува речиси целиот спектар на сончева светлина. Освен тоа, се одликува и со висока инфрацрвена термална емисија од 96,5%. Исклучително е отпорен на високи температури, па може да поднесе и над 1.000°C.
Составен главно од алуминиум, овој материјал не само што ја намалува апсорпцијата на сончевата светлина, туку е и исклучително отпорен на УВ зрачење. Студијата е објавена во часописот Science, а педен од авторите нагласува дека овој керамички материјал за ладење ги задоволува потребите од високоефикасно пасивно ладење во реални услови. Според неговите зборови, примената на овој материјал на покривите може да ја намали потрошувачката на електрична енергија за над 20%, што укажува на неговиот потенцијал во намалувањето на зависноста од конвенционалните методи на ладење, намалување на емисиите на стакленички гасови и ублажување на ефектот на урбани топлински острови. Важно е да се спомене дека овој материјал е погоден за масовно производство со помош на вообичаените процеси, вклучувајќи фазна инверзија и синтерување. За да се задоволат различните естетски потреби, материјалот може да се направи и во други бои.