Својата грижа за планетата прославениот јапонски архитект Кенго Кума ја пренел и на обувки. Така новите патики на Asics кои се негов дизајн, пред се се еколошки прифатливи.
Кенго Кума во соработка со спортскиот бренд Asics креирал нов модел патики наречен Metaride AMY, чија највпечатлива карактеристика, горниот дел на патиките, направен е од испреплетени, бели, синтетички траки, кои при тоа симболично го претставуваат знакот на Asics. За овој дизајн архитектот иснпирацијата ја нашол во традиционалната јапонска техника на плетење бамбус, позната како yatara. Оваа техника се користи и во јапонската архитектура за декоративни елементи на фасади или за детали во ентериер.
Metaride AMY е всушност еколошки надоградена верзија на веќе прославената линија на Asics, Metaride патики за трчање. Со веќе развиената технологија на Asics за производство на врвни патики за трчање, Кума комбинирал дизајн кој дополнително ќе придонесе на стабилноста и удобноста. Испреплетените траки се поставени на начин за да го држат стабилно стопалото.
Ѓонот на патиките е направен од два дела. Горниот слој е од еколошки текстил, кој всушност во основа е од дрво, а долниот, бел слој е гумен. Гелот кој ги апсорбира ударите и притисоците е поставен во зона на петата, пишува Designboom.
Metaride AMY ексклузивно ќе се продаваат исклучиво во Јапонија, онлајн и во малопродажни објекти во Харајуку и Осака, почнувајќи од 20. декември, а нивната цена ќе изнесува 330 долари.