Кога своевремено дојдов во Америка, благодарение на драга пријателка, го разгледував Вашингтон на долго и на широко. Кенеди центарот беше и сè уште е еден од објектите којшто не може да се одминат. Замисли дека некој успеал во тоа што предвидел, еден ден главниот град на САД да има објект посветен исклучително на сценската уметност, со насмевка ми кажа мојот „водич“. Оддалеку, пространата зграда обложена во бел мермер, гордо се огледуваше во водите на реката Потомак. Глетката ми остана во сеќавање, знаејќи дека еден ден ќе ја видам одблизу.
Споредено со обелискот во чест на првиот американски претседател Џорџ Вашингтон, или споменикот на Линколн, во стил на антички храм, Центарот Кенеди служи како „жив споменик“, во чест на убиениот американски претседател Џон Ф. Кенеди, и тоа со музика и театар.
Дали само едно место може да обезбеди услови за оркестри, опери, театри? Решението од средината на 20 век изгледало едноставно – да се проектираат три театри со едно лоби што ќе ги спојува. Правоаголниот центар е поделен речиси рамномерно на третини, со Концертна сала, театарот Оперска куќа (Opera House) и Театарот Ајзенхауер, еден до друг. Пристапот – повеќе подиуми во една зграда – наскоро бил копиран од секоја мултиплекс филмска куќа/компанија во трговските центри низ Америка.
Поради предизвиците со локацијата – бидејќи се наоѓа веднаш покрај реката Потомак и безбедноста на тлото, објектот е изграден со кесонски темели. Структурата слична на кабина, може да се постави како работна површина, а потоа да се наполни со бетон. Овојпат, за темелите е употребена челична рамка. Ваквиот вид на инженерство се користи години наназад при конструкција на мостови, како во случај на мостот Бруклин во Њујорк, на пример.
Почетоци
Првично, Кенеди центарот требало да биде Национален културен центар, којшто на САД во периодот на 50-тите години и тоа како им бил потребен. Претседателот Двајт Ајзенхауер потпишал Закон за еден ваков објект во 1958 година, со што за првпат во историјата американската влада се заложила да помогне во финансирање центар за ваква намена. Претседателот Кенеди потоа ги продолжил напорите за зголемување на бројот на доверители и продолжување на времето за собирање средства за изградба од приватни донации.
Но, судбината за 35-тиот американски претседател, имала свој тек. Врз него беше извршен атентат на 22 ноември 1963. Додека државата сè уште била во шок, во 1964 бил усвоен предлогот Националниот културен центар да се преименува во Кенеди центар, за, според претседателот Џонсон, „да се продолжи каузата на овој голем човек, но и културно да се збогати животот на Американците“.
Сепак, се јавил „мал“ проблем, за да заживее овој објект, биле потребни околу 70 милиони долари. Следувал период на преговори, но и на донации од поединци и бизниси, како на средства, така и на бесценети уметнички дела од целиот свет. И покрај тоа, се чинело дека реализацијата била невозможна, сè до моментот кога Италија го ветила својот подарок – мермер од Карара, во вредност од преку еден милион долари. Со овој чин, во 1967 година изградбата на Кенеди центарот можела да почне.
Објект
Четири години подоцна, на 8 септември 1971, Кенеди центарот ги отворил вратите за љубопитната публика, со светската премиера на Леонард Бернштајн, „Миса“, настан што критиката го нарече – богат амалгам на театарска уметност.
Зградата е висока 30 метри, долга 190 метри и широка 91 метар. Проектот е на архитектот Едвард Дурел Стоун во јасна правоаголна форма опколена со 66 тенки, позлатени столбови во висина на објектот. Изгледот е елегантен, стилот е модернистички или нов формализам, што претставува противтежа на доминантниот класицизам во вашингтонската архитектура. Од предната страна впечатлив е отворениот простор и патеките поплочени со мермер, опколени со дрвореди и украсени со американски знамиња. На задната страна, каде е и терасата, редицата жални врби и фонтаните особено кога се осветлени, отмено се отсликуваат во стаклената врата којашто води кон Големото фоаје.
Без оглед дали ќе влезете од страната на Салата на сојузните држави на САД (поставени се знамиња на 50 американски држави, по редоследот на влез во Унијата), или преку Салата на нациите (со знамиња на држави во светот со кои САД одржуваат дипломатски односи, меѓу кои е и Македонија), мора во одреден момент да се најдете во фоајето, долго колку и зградата (или колку две фудбалски игралишта едно до друго) кое се смета за најголема просторија во светот. Подот е обложен со богат црвен тепих.
Она што паѓа во очи овде се 16-те рачно изработени кристални лустери Орефорс (Orrefors), подарок од Шведска. Долги се по речиси пет метри, со дијаметар од по два метра и секој тежи по еден тон. Раскошот се должи и на фактот што секој поединечно се состои од 65 шестоаголни парчиња со 12 двојни призми од оловен кристал и шест светла.
Веднаш потоа, е главната фокусна точка на овој простор – бронзената биста на претседателот Кенеди, од американскиот скулптор Роберт Беркс, инаку познат како вашингтонски Микеланџело. Тешка е 1,5 тон и толку деликатно изработена, што ако се анализира од под различни агли, можно е да се забележат различни изрази на лицето или на карактерот на Кенеди – неговата младост, афинитет кон спортот, државнички дух, дури и ранливост. Двата снопа светлина над неа се поставени на начин кој нема да се прекршува со светлото што доаѓа од лустерите.
Со шест беспрекорно акустични, различни по големина и намена театри и сали, (меѓу 224 и 2.750 седишта), Центарот бил најголем културен комплекс од таков вид.
Звучна заштита и акустика
Акустиката е нешто по кое објектот се одликува. Врвниот акустички дизајн се должи на Кирил Харис, тогашен професор во Одделот за електроинженерство и Школата за архитектура при Универзитетот Колумбија. Имајќи ја предвид близината на Националниот аеродром Реган, постојаниот прелет на хеликоптери, околниот сообраќај и внатрешната бука, особено пред настапите, Харис, заедно со главниот архитект Стоун, се одлучиле за пристапот кутија во кутија, давајќи му на секој аудиториум дополнителна надворешна обвивка.
Харис е заслужен за двојната ѕидна конструкција на објектот – секој од ѕидовите е направен од цврсти бетонски блокови со дебелина од 15,5 сантиметри, и помеѓу нив има воздушен простор од 5 сантиметри. Сличен пристап е употребен и во двојните стаклени ѕидови во Главното фоаје – меѓу внатрешното стакло од 1,5 сантиметри има воздушен простор од 10 сантиметри, а надворешното стакло е дебело речиси еден сантиметар. Со тоа, споменатата врева и буквално секој шум се непробивни во салите. Двајцата инженери се погрижиле и за изборот на најдобрите материјали за изработка и дизајн на ентериерот во театрите, како природното дрво во Концертната сала, ѕидови во комбинација на гипс и дрво, преклопувачки дрвени панели и слично. Подот е исто така дрвен, за, како што рекол, Харис, музиката буквално да се „почувствува и преку нозете“. Во случајот на Концертната сала, за одоколу е биран специјален тенок тепих од волна и најлон, како придушувач на звуците. Земен е предвид секој детал во просторијата, како обликот на плафонот и лустерите, за да ги задоволат акустичните критериуми. Кога квалитетот е во прашање, секако тука е и физичкото присуство на публиката и затоа пожелно е концертот или претставата да бидат комплетно распродадени. Тепихот во фоајето, овојпат за придушување на буката во лобито е подебел и волнен, затоа препораката е подебелите палта да се остават во гардероберот на влезот во зградата.
Концертната сала воедно е дом на Националниот симфониски оркестар, тука се одржуваат популарни музички концерти и годишната награда Марк Твен за американски хумор. Салата е најголемиот сценски простор во Кенеди центарот, со 2.465 седишта.
Оперската куќа (Opera House) e вториот по големина театар, дом е на Националната опера на Вашингтон, но тука гостуваат и балетски компании од целиот свет и мјузикли од Бродвеј. Највпечатлив, ако може да се нарече детал, e кристалниот лустер од познатиот производител на стакло Лобмаер (Lobmeyr), подарок од Австрија. Како и лустерите во фоајето, и ова светло се користи како сигнализатор дека претставата штотуку ќе почне или продолжи. Конкретно, за оваа ѕвезда со околу 2.000 светилки карактеристични се неколку убави градации на бои, пред целосно да се угасне. Подиумот во салата може лесно да се пренамени за балетски настапи.
Оваа сала е позната по исклучително важен настан за американската уметност и култура. Секој декември од 1978 година, наваму, овде се одржува Гала во чест на пет или шест најпродуктивни, најкреативни и докажани уметници коишто дале драгоцен придонес за развој на културата во земјата.
Иднина
Кенеди центарот важи за своевидна училница, и тоа за сите возрасти. Посветен е на зголемување на можностите за учество и разбирање на уметноста. Понудените образовни програми станаа примери за градови низ целата земја. Сè се почнува од мали нозе. Стимулирајте го интересот на децата за уметност – е овдешната мантра.
„Не смее да биде храм, раскошен, но безживотен. Треба да биде место каде што ќе се работи и твори, преплавено со идеи и експерименти“, се зборовите на сопругата на починатиот претседател, Жаклин Кенеди за намената на Центарот.
Навистина вибрира, блика со живот и енергија. Однадвор, неизбежна е врвулица од луѓе (исклучок е периодов на пандемијата). Иако навидум изгледа хаотично, сите присутни, и изведувачите и посетителите, точно знаат зошто се тука, си го наоѓаат својот спокој и се инспирираат. Ист е случајот и внатре, каде најдобрите од Америка и од светот, доаѓаат да глумат, свират, танцуваат, пеат. Секако, тука се и илјадниците зад сцената, дизајнери, костимографи, техничари и друг персонал, составен дел во креирањето на таа театарска магија. Ова важи и за продолжетокот на Центарот, особено ако дозволуваат временските услови. Наречен е The Reach / Посегање.
На 29 јануари 2013 година, Кенеди центарот ги објави плановите за проширување на објектот јужно од првобитната зграда. Со проектот на американскиот архитект Стивен Хол, се отворил поголем простор за генерални проби и дополнителни настани, но што е од особена важност, овозможува дополнителна инклузивност на публиката и нејзина динамична интеракција со изведувачите.
Доказ за иновативниот дизајн се пешачкиот мост што води кон Потомак и велосипедската патека, но пред сè, трите флексибилни павилјони, сите со различна форма и модерен изглед. Сите пропуштаат многу природна светлина, нудејќи прекрасен поглед на околината. Продолжетокот на Кенеди центарот беше отворен во 2019 година.
Визија
За Кенеди е познато дека иако не бил уметник, бил поборник за пласман и еднаков третман на уметноста како дејност. „Ако уметноста сака да ги храни корените на нашата култура, општеството мора да го ослободи уметникот да ја следи својата замисла каде и таа да го однесе“, рекол тој во 1961. „Никогаш не смееме да заборавиме дека уметноста не е форма на пропаганда; таа е форма на вистината“.
Според Кенеди, ако САД сакаат да продолжат да се развиваат и напредуваат, ќе мора да продолжат да ја негуваат својата култура и да ја зголемуваат почитта кон креативниот поединец.
Кенеди на функцијата бил само 35 месеци, но настрана политиката и неговите успеси или неуспеси, овој човек за пошироката јавност важи за визионерски лидер кој ја разбира вредноста да се поддржат плановите на другите, и можеби тоа е неговото најголемо достигнување. За Кенеди, збогатувањето и поддршката на уметноста било средство нацијата да стане и да биде најдобрата верзија на себе. Со поглед кон иднината, две години пред да биде убиен ќе рече: „Ѝ се радувам на Америка којашто нема да се плаши од благодатта и убавината“.
Кенеди е и првиот американски претседател кој активно се интересирал за промоција на сценската уметност и оттука, Центарот е насочен кон мултимедијалноста.
Центарот Кенеди е јавно-приватно претпријатие – зградата е во сопственост и одржувана од Федералната влада, но програмата, маркетингот и продажбата на билети се приватно организирани.
Автор: Јулија ВЕЛКОВСКА
(Специјално за Порта 3 од Вашингтон)
ФОТО Кредит – iStock, Library of Congress, NASA