Според планот за работа на инспекторите за животна средина на Град Скопје, месецов се извршени по две редовни контроли на сите 40 инсталации кои подлежат на Б–интегрирана еколошка дозвола, а за кои е надлежен Град Скопје.
„Во месец декември овластените инспектори за животна средина на Град Скопје извршија вонредни контролни мерења на 40 инсталации што подлежат на Б–интегрирана дозвола, како и на четири субјекти што подлежат на елаборат за заштита на животната средина. При вонредните контроли на овластените инспектори за животна средина со овластена лабораторија досега е утврдено пречекорување на граничните вредности кај четири инсталации кои се под надлежност на Град Скопје и истите ќе бидат санкционирани согласно со Законот за заштита на животната средина“, вели градоначалникот Петре Шилегов.
Дополнително, инспекторите работат и во смени, односно дежурство кое почнува од 6 часот наутро, како и по полноќ, сè до раните утрински часови, како и за време на викендите, сé со цел попрецизно и пореално да се утврди можното загадување на амбиенталниот воздух.
Исто така, велат од Градот Скопје, контролите се интензивирани на градилиштата, со посебен акцент на централното градско подрачје, но и другите поголеми градилиштa во другите општини, како и на територијата на општина Аеродром каде што се сконцетрирани поголемиот број од градилиштата. Притоа се контролирани 51 градилиште и врачени се осум казни и записници за миење на гумите, миење на улиците пред градилиштата и покривање на камионите што излегуваат од градилиштата со церади.