Вчера во Археолошкиот музеј свечено беше отворена изложбата „Великата Степа: историја и култура“, која се реализира во рамките на проектот „Патувањето на Златниот човек низ музеите во светот“.Оваа изложба, која патува низ музеите во светот, е извонредна можност да се запознае историјата и културното наследство на Казахстан, неговата разновидноста и посебноста на казахстанската култура.
Во фокус на изложбата е „Златниот човек“ или казахстанскиот Тутанкамон, кој датира од од 5 век п.н.е.
При откривањето на локалитетот Исик во 1969 година, тој е препознаен од археолозите како 18 годишен воин од скитското племе Сака. Атрактивноста на Златниот човек кој е претставен на изложбата преку реконструкција, е во повеќе илјади златни апликации, распоредени на неговиот комплет, составен од кошула, чизми и накит за глава.
Но, на изложбата се претставени и други, експонати, околу 200, кои датираат од 4 милениум п.н.е. до 19 век.
„Оваа изложба насловена „Великата степа: Историја и култура“, со внимателно направениот избор од најзначајните експонати од збирката на Националниот музеј на Република Казахстан, во изминатите две години го привлекува вниманието на милионската публика ширум светот, па од таму до толку поголемо е задоволството што токму нашиот музеј беше избран како еден од домакините на оваа светска турнеја на изложбата“, вели директорот на Археолошкиот музеј, Горан Санев.
„Оваа изложба е 9 –та по број за оваа година и го претставува големото културно наследство и богатство на Република Казахстан“, изјави Нуразхан Алмаз Шајкенович-директор на Националниот музеј на Казахстан .
Изложбата ќе биде отворена до 11 август, а посетителите ќе може да ја видат бесплатно.
фото: КИРО ПОПОВ