Насловна / Вести / Кавадарчани денес на собир за спас на градскиот парк

Кавадарчани денес на собир за спас на градскиот парк

Денес поканети се сите кавадарчани кои се против градењето во близина на градскиот парк да го искажат својот револт  на граѓанскиот собир закажан во 17 часот, пишува порталот „Дума“.

gradski-park

Организатор е граѓанската иницијатива за спас на градскиот парк во Кавадарци. Тие ги повикуваат граѓаните да се вклучат во граѓанскиот собир, како што нагласуваат, за подигање на еко свеста и борба против урбаната мафија и неправедностите во општеството.

„Собирот ќе започне пред општинската зграда на градскиот плоштад и ќе продолжи кон градскиот парк, пред просторот кој го претворија во градежна зона. Ве замолуваме за масовност и голема поддршка. Напоменуваме дека ова е надпартиски граѓански собир“ стои во поканата на социјалните мрежи од оваа граѓанска иницијатива.

„Имаме сознанија дека во паркот се планира изградба на уште најмалку пет згради. Бевме сведоци на почеток на рушење на ноќниот клуб Александрија, каде што се планира изградба на уште една зграда. Со тоа трајно се уништува белегот и гордоста на нашиот град. Замислете на што ќе изгледа нашиот парк со изградба на уште неколку згради?! Мора секоја индивидуа да се крене против оваа узурпација од страна на урбаната мафија!“ порачуваат иницијаторите за спас на градскиот парк и додаваат дека со уништувањето на Градскиот Парк, од каде што доаѓа чистиот и свеж воздух, односно претставува природен филтер на градот, само ќе се придонесе за зголемување на стапката на канцерогени и респираторни заболувања кај граѓаните, чиј што број и онака е меѓу највисоките во државата.

Испрати коментар

Scroll To Top