Следната година Скопје ќе добие уште една катна гаража. Гаражата што се гради кај Музејот на холокаустот е дел од акцискиот план за изградба на вкупно седум катни гаражи, склучен меѓу Владата на Република Македонија, Град Скопје и општина Центар, пишува „Вест“. Градбата е веќе излезена од темели и се очекува да биде пуштена во употреба во октомври следната година.
„Катната гаража ‘Смилевски конгрес’ во моментов е во фаза карабина. На почетокот на градбата имавме мал застој во работењето поради непредвидени подземни инсталации, бидејќи нема подземен катастар, а беше решено и прашањето за влезот во Музејот на холокаустот“, рече Цветко Грозданов, генерален директор на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.
Тој вели дека оваа катна гаража нема да биде автоматизирана и ќе функционира како и секоја друга гаража, и во неа ќе можат да се паркираат сите коли, без разлика дали се со електричен, дизел или со плински уред.
Изградбата на гаражата почна во февруари минатата година, по проект на „ГМС“-Проект ДООЕЛ-Скопје, градежните работи ги изведува фирмата „Ламоне Мореда“, а инвеститор е АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.
Во гаражата ќе може да се паркираат околу 170 коли, а инвестицијата за градба изнесува 237.191.013 денари.