Просторот околу плоштадот „Филип II“ на левиот брег од реката Вардар во центарот на Скопје, веќе се дооформува. Изградена е и катната гаража ,,Смилевски конгрес, според Деталниот урбанистички план Мал ринг 6.7. Инвеститор на објектот е АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење на Републиката – Скопје. Проектанти на идејниот проект се архитектите Ѓорѓи Мојсов и Елизабета Дурлевиќ од проектантската куќа ГМС – Проект од Скопје.
Проектант на конструкцијата е градежниот инженер Марика Костова. Објектот е проектиран во 2011 година, според важечките прописи за ваков вид објекти во Република Македонија, а користени се и прописи за ваков вид објекти и од соседните земји. Објектот е граден во периодот 2013-2016 година. Изведувач на објектот е подружница на италијанската фирма „Шенца“ – Скопје.
Објектот е проектиран според проектните барања дадена од инвеститорот, и тоа барање за проект за катна гаража од отворен тип со класичен начин на паркирање со рампа и деловни простории со приближна површина 15% од вкупната површина на објектот. Идните корисници на гаражата ќе бидат граѓаните, посетителите на Македонскиот народен театар, на Музејот за македонска борба, на плоштадот „Филип II“ и Старата скопска чаршија и, секако, корисниците на деловните простори во катната гаража.
Формата на локацијата со нејзините граници и веќе изградените околни објекти, многу влијаеле на концептот и решението на катната гаража „Смилевски конгрес“. Локацијата е со неправилна триаголна форма со површина од 1347метри квадратни. Се граничи со аголот на улицата „Иљо Војвода“ и надвозникот над булеварот „Гоце Делчев“ кон улицата „Самоилова“ и Калето, а на исток со Музејот на Холокаустот. Висината до венецот е 21 метар. Од специфичната форма на локацијата и проектната задача дадена од инвеститорот, произлегува и решението на објектот.
„Смилевски конгрес“ е отворена катна гаража со класичен начин на паркирање. Во централниот средишен дел е проектирана кружна рампа по која ќе се движат возилата и ќе се паркираат радијално на осум нивоа, плус и последното ниво на покривната плоча. Падот на рампата е многу благ, 3% – 7,9%, дури и под дозволеното ниво за паркирање во косини. Димензијата на паркинг-плац е 2,5 х 5,0 метри. Паркинзите на последната кровна плоча се покриени со лесна настрешница од челик и плексиглас. Вкупниот капацитет на гаражата е 169 возила, од кои пет се за лица со посебни потреби. Паркинзите за лица со посебни потреби се проектирани на рамна површина, а од паркинзите до вертикалните комуникации лифт за излез-влез во гаражата проектирана е пешачка рампа.
Пристапот за возила до гаражата „Смилевски конгрес“ е од улицата „Иљо Војвода“ преку заедничка рампа за влез–излез со гаражата на Музејот на Холокаустот. На оваа специфична и неправилна локација ова е и единственото решение. Влезот и излезот во гаражата за возила е на ниво -3,00 метри, на кое е поставена и наплатната рампа. Од ниво -3,00 метри возилата се качуваат по кружната спирална рампа на осум нивоа. Корисниците на паркираните возила може да користат за вертикална комуникација низ објектот и до излезите-влезовите во приземјето две вертикални комуникациски јадра со скали и лифт, на североисточната и северозападната страна. Преку вертикалните јадра се излегува дирекно на тротоарот на надвозникот или на ниво -3,00 метри. Овие комуникациски јадра се користат и како нужен излез од деловните простори на први и втори кат.
Централниот дел на гаражата е отворен кружен галериски простор, со што се добива и дополнително природно светло во просторот. На најдолното ниво на гаражата, проектирана е попивателна шахта за да ги собира атмосферските води од дожд и снег. Фасадата е затворена само со бетонски парапети, така што е овозможена природна вентилација и осветлување. Заради променливите висини на парапетот до пропишаната висина, поставени се дополнителни хоризонтални метални цевки. Впечатливи се и визурите на околината кога се движите по рампата, и тоа кон центарот, реката Вардар и Калето, а секако најубавите визури се од последното ниво.
Во гаражата се проектирани и два деловни простори со корисна површина од 1268,50 метри квадратни.На аголот помеѓу улицата „Иљо Војвода“ и надвозникот над булеварот проектиран е едниот деловен простор, кој ја следи формата на локацијата, но е заоблен на аголот. На североисточната страна е проектиран другиот деловен простор на аголот помеѓу надвозникот над булеварот „Гоце Делчев“ и локацијата на Музејот на Холокаустот, кој ја следи линијата на локацијата и е исто така заоблен на аголот. Двата деловни простори се проектирани на три нивоа и тоа од приземјето до вториот кат.
Деловните простори се поврзани во приземјето со трем, а на првиот кат со лоѓија. Влезот во деловните простори е од приземјето, преку тремот ориентиран кон улицата „Иљо Војвода“. Двата деловни простори се проектирани секој за себе, на три ката како една целина, отворен канцелариски простор со внатрешни скали за вертикална комуникација меѓу катовите. Со ваков концепт на просторот, инвеститорот има можност, според потребите што многу често се менуваат, понатаму да го користи како еден отворен флексибилен простор или да го користи поделен на помали простори.
Катната висина на деловните простори е со висина во приземјето 4,00 метри, на први кат 4,50 метри и втори кат 4,05 метри, што произлегува од катната висина на гражата од 2,20 метри, бидејќи вертикалните комуникациски јадра, скали и лифтови, во катната гаража се поврзани со нивоата на први и втори кат на деловните простори.
Фасадата на деловните простори е обликувана со парапети и прозорци во низа. Внатрешноста е добро осветлена и природно проветрена од три страни. Визурите кон околината и од овие простори се впечатливи, од едниот простор кој е ориентиран на југозапад се отворени кон реката Вардар и мостот „Гоце Делчев“, а од другиот деловен простор ориентиран кон североисток визурите се ориентирани кон надвозникот над булеварот „Гоце Делчев“, кон тврдината Кале.
На рамната кровна плоча над деловните простори се проектирани зелени кровови–градини.
На нивото -3,00 метри се поставени сите потребни помошни и енергетски простории. Конструкцијата на објектот е скелетна армирано-бетонска, со основни конструктивни елементи, столбови, греди, плочи и бетонски платна за зајакнување на конструкцијата. Деловните простори како посебни и пониски делови се дилатирани од централниот дел на гаражата.
Корисна површина на целиот објект е 9442,45 метри квадратни, а корисна површина на објектот само над терен е 8207,00 метри квадратни, од кои гаражата е со корисна површина од 7201,20 метри квадратни, деловниот простор е со корисна површина од 1263,50 метри квадратни, и отворени површини – тераси и трем со површина од 421,00 метри квадратни.
Овој објект го прави посебен обликувањето на различни кубуси и примената на кружната рампа за возила во централниот дел на објектот, кој претставува еден цилиндричен кубус со спирални парапети. Добро се вклопени и двата деловни простори на два спротивни краја на локацијата, која завршува со остри агли. Острите агли на објектот што ја следи локацијата се заоблени. На континуираните спирални парапети од гаражата се надоврзуваат хоризонталните парапети на деловниот простор и прозорците во низа. Бојата на парапетите и полните ѕидни маси е одбрана да се вклопи со колоритот на околните веќе изградените објекти.
Катната гаража „Смилевски конгрес“ е и многу функционален и рационален објект. Проектантите ги исполниле барањата на инвеститорот, а објектот со неговата архитектура, едноставност и чисти форми и линии, ненаметливо се вклопува во околината. Ова е првата катна гаража во Република Македонија проектирана и изградена со кружна рампа и радијално паркирање на возила.
Пишува: Натка Ќосева, дипл.инж.арх.