Проектантски предизвик на „БИРОПРОЕКТ“ беше креирањето на „Студиото Теохаров“ во Скопје. Концептот на инвеститорот е да се уреди изложбен простор за звучници и засилувачи на звук, како и ѕидни часовници.
Идејата е да се направи простор кој ќе предизвика чувство на домашна атмосфера и амбиент каде ќе се слуша музика на аудио опрема дизајнирана и произведена во Македонија по највисоки High End аудио стандарди, како и избор на врвни часовници од Nomon и Оntime.
Интенцијата за добивање катче со префинети ноти, се доби преку употреба на современи комбинации од материјали, употреба на дијзанирани парчиња намештај, како и присуството на расвета која даде поинаква димензија на просторот.
Моментите на комфорност и уживање со бепрекорниот звук од аудио опремата, се надополнуваат со централно поставена софа и фотеља ориентирана кон звучниците и специјалниот принт кој дава нивен технички детал во реален размер.
Акцентирајќи ја потребата од лежерно уреден простор кој асоцира на дневен престој, со изработена библиотека направена од иверка со финиш даб во комбинација со метални профили, завеса – поставена во функција на акустични барања, како и посебни катчиња за кафе муабет со соодветни ѕидни облоги разиграни со уметнички фотографии го дополнуваат просторот и му даваат една целина со свој идентитет.
Ентериер: „БИРОПРОЕКТ“, Скопје