Насловна / Вести / Катастрофалната состојба на улица зад „Тутунски комбинат“, проблем за жителите на Кисела Вода

Катастрофалната состојба на улица зад „Тутунски комбинат“, проблем за жителите на Кисела Вода

Граѓаните на општина Кисела Вода се соочуваат со низа проблеми поврзани со дел од инфраструктурата во оваа општина. Особен проблем за луѓето кои живеат и работат во делот зад зградата на „Тутунски комбинат“ претставува лошата состојба на улицата „Улоф Палме“, каде што има потреба од итно асфалтирање.ulica-kisela-voda

Дупките на улицата претставуваат проблем за возачите кои возејќи по неа ризикуваат да ги оштетат своите автомобили. Надеж за граѓаните беше изградбата на една од најмодерните згради на „Адора“, која го носи името „Флет ајрон“, но ситуацијата не се подобри, бидејќи инвеститорот вложи во инфраструктура единствено околу зградата.

Проблемот е особено евидентен при лоши временски услови, како обилни врнежи од дожд, кога по должина на улицата се прават огромни вирови. Во отсуство на интервенција од Општината, граѓаните се принудени самите да се снаоѓаат.

Овој дел од Кисела Вода не ги засега единствено жителите, бидејќи има десетици фирми каде што често доаѓаат и странски амбасадори, кои се зачудени од лошата состојба на улицата. Дополнително пределот околу пругата зад амбулантата „Пролет“ е и транзит меѓу Аеродром и Кисела Вода. Во услови кога нема пробиено пат што би ги поврзал овие две големи скопски населби, пешачката патека е единствениот „мост“ преку кој дневно минуваат стотици луѓе.

Жителите и граѓаните кои се движат во овој дел од општина Кисела Вода се надеваат дека набрзо ќе се санираат овие проблеми, а дотогаш се принудени самите да преземаат мерки, како што е самостојно тампонирање на патот.

РЕАКЦИЈА

На овие поплаки и критики од страна на медиумите, жителите и граѓаните од општина Кисела Вода, со реакција и од страна на самата општина Кисела Вода која ја објавуваме:

„Во насока на објективното информирање на јавноста, сакаме да реагираме на прилогот кој е објавен на вашата страница под наслов ‘Катастрофалната состојба на улица зад ‘Тутунски комбинат’ Имено, наспроти вашите тврдења дека локалната самоуправа не презела ништо за подобрување на патната инфраструктура, сакаме да ве информираме дека во овој 8-месечен период се асфалтирани 12 000 метри квадратни, додека со павер елементи се поплочени 1 000 метри квадратни.

Долг е списокот на улиците кои беа опфатени со градежни зафати, но ќе ги издвоиме следните: Целосно се реконструирани „Сердарот“ во селото Драчево, улицата „Саса 32“ во Пинтија, „Борис Трајковски“, крак 34 во Стаклара, „Борис Трајковски“ крак 20, крак 2, крак 15, крак 22 во селото Усје, улицата „Локов“ и улицата „Пушкинова“ во Кисела Вода, голем дел од улицата „Јабланица“ во Пинтија. Со павер елементи ја поплочивме „Киро Фетак“ 1, крак 5 и крак 9, „Малешевска 1“ , крак 4, за што ќе посведочат и многу од задоволните жители на Општината.

Сепак, сакаме да посочиме дека се работи за општина која опфаќа многу голема територија, од која голем процент се работи за рурална средина. Се работи по определен план и со голема динамика, но реално не може сите улици и во сите делови на општината да бидат едновремено реконструирани. Ве информираме и дека посочената улица „Улоф Палме“, или по ново крак од „Иван Козаров“, влегува во опфатот на булевар „Македонија“, што е под надлежност на град Скопје“, пишува во реакцијата.

(Макфакс)

Испрати коментар

Scroll To Top