Операторот на јапонската нуклеарна централа Фукушима, компанијата TEPCO (Tokyo Electric Power Company) и јапонската компанија Mitsubishi Corporation, ќе градат термоцентрала и постројка за десалинизација на вода во Катар. Договорот вреден околу 2,5 милијарди долари е потпишан помеѓу двете јапонски компании и катарската корпорција KAHRAMAA и доаѓа како резултат на меѓународен тендер објавен од страна на катарската корпорација, пренесува France Presse.
Проектот подразбира изградба на електрична централа на гас и управување со неа за период од 25 години. Се работи за најголем комерцијален успех во странство за компанијата TEPCO по нуклеарната катастрофа во Фукушима. Капацитетот на гасната централа е проектиран на 2.400 MW, додека фабриката за десалинизација на вода ќе биде со капацитет од 590.000 кубни метри дневно. Почетокот на работите на терен е предвиден за 2017 година, до кога се планира да биде комплетирана фазата на проектирање како и сите подготвителни работи.