Австралија од септември се соочува со суша и страшни пожари кои беше тешко да се стават под контрола и се чинеше дека само дождови може да помогнат во справувањето со огнената стихија.
Но, ситуацијата во Австралија со почетокот на годината навистина излезе од контрола. Се случија разорни пожари, а потоа невидени поплави.
Иако пожарите во Австралија се вообичаени во текот на жешкото лето, кое почнува во декември, тие оваа сезона се појавија порано поради високите температури и силните ветрови, но и од намерно палење.
Од пожарите во Австралија причинета е штета од стотици милиони долари.
Уништена е површина со големина колку Јужна Кореја, има изгорено преку 11,8 милиони хектари површина, во пожарите досега животот го загубија повеќе од 20 лица, вклучувајќи и неколку пожарникари, уништени се повеќе од две илјади домови. Но, нема мир за луѓето, но и за животните во Австралија. Научниците проценуваат дека во пожарите загинале половина милијарда диви животни.
Друштвата за осигурување ја проценуваат актуелната штета на 700 милиони австралиски долари, но се очекува тој износ да се зголемува.
Австралиската сезона на шумски пожари сè уште не е завршена, таа вообичаено трае до март.
Пожарите во Австралија би можеле да го чинат туристичкиот сектор најмалку 3,1 милијарди американски долари до крајот на годината.
Туристичкиот сектор во Австралија „тежи“ вкупно 130 милијарди австралиски доалри, од кои околу 45 милијарди се резултат на странските гости. Туристичкиот сектор сочинува околу шест проценти од економијата на Австралија. Тој е четврти најголем извозен сектор во Австралија, по железната руда, јагленот и природниот гас. Во 2018/2019 година неговиот придонес во австралиската економија беше 39,1 милијарди американски долари.
Пожарите во Австралија не се нешто ново. Австралиски експерт смета дека на „огнениот континент“ треба да се врати традицијата на Абориџините на палење шуми за да се спречат големите пожари.
Професорот Стивен Пајн, кој е почитуван американски експерт за историја на животната средина и пожарите, тврди дека тоа е решение. Професорот вели дека Абориџините редовно палеле шуми и така се заштитувале од големи пожари. Идејата е едноставна и одамна позната на човештвото – контролирани пожари можат да отстранат поголеми површини шума и вегетација. Кога во време на суша ќе почнат дивите пожари, тие нема да имаат простор да се шират.
„Во пределот во кој доминирале Абориџините имало повеќе јагленисани површини, но затоа пожарите беа помалку жестоки. На Австралија ѝ требаат повеќе пожари – но од вистински вид. Денес имаме премногу лош, а премалку добар оган“, вели Пајн.
Стивен Пајн, професор емеритус на Државниот универзитет на Аризона и автор на повеќе капитални книги за пожари, вели дека луѓето почнале повеќе да се водат од емоции кон природата, кенгурите и коалите, и оти така е занемарена безбедноста.
„Така Австралија повторно се врати на колонијалната филозофија за борба против пожари од секаков вид. Пожарникарите сега користат авиони како видлив симбол на модерност. Сето тоа е политички театар“, наведува тој.
Експертот за екологија и пожари ја нарекува Австралија „огнен континент“ каде пожарите се природна состојба како што е мразот во Сибир.
„Австралија милиони години е изложена на пожари, така што нејзиниот животински и растителен свет се прилагодени“, тврди Пајн.
Само на тој континент животните и растенијата научиле да користат оган. На пример птиците грабливки намерно носат запалени гранки и шират оган за да го избркаат пленот на отворено. Или растенијата чии семиња се обвиткани со восок – тој се топи само со силен пламен и тогаш семето паѓа во земја и растението преживува.
Долго пред Европејците да ја освојат и колонизираат Австралија, се користеле противпожарни техники наречени „културно палење“.
Пламените на ниво на колена се наменети да горат постојано и низ целиот терен.
Овие пожари го горат секое потенцијално гориво, како што се суви гранчиња и наносите на лисјата, што значи дека природниот шумски пожар има помалку од тоа да проголта.
Сега по пожарот во Австралија кој избувна минатата година, повиците за повторно враќање на оваа техника станаа сè погласни. Но, тоа требаше да се случи порано, според еден експерт за абориџинско наследство.
„Земјата покриена со вегетација мора да гори“, вели Шенон Фостер. Таа е чувар на наследството на луѓето од Дархалал – кои го пренесуваат знаењето стекнато од нејзините предци – и предавач на абориџинското наследство на Универзитетот за технологија во Сиднеј.
Повеќето информации од предците што таа ги споделува се однесуваат на диви растенија.
„Ова е концепт за одржување на земјата – тоа е клучно за сè што правиме ние како Абориџини. Суштината е во она што можеме да го вратиме на земјата, не само во тоа што можеме да ѝ го земеме.
Земјата е персонифицирана во рамките на абориџинската култура. „Земјата е наша мајка. Таа нè одржува во живот “, вели Фостер. Таа врска ги менува приоритетите околу превентивното палење.
Иако современите власти преземаат чекори за да го намалат ризикот од катастрофа, со акцент на заштита на животи и имот, Фостер вели дека „тоа не функционира“.
„Сегашното контролирано палење уништува сè. Тоа е наивен начин да се спроведе управување со пожари и тие не ги слушаат домородците кои најдобро ја познаваат земјата.
Културното палење ја заштитува околината холистички. Ние сме заинтересирани да ја заштитиме земјата, а не имотот. Не можеме да јадеме, пиеме или дишеме имоти. Без земја, немаме ништо“, вели Фостер.
Домородното културно палење работи во согласност со ритамот на околината, привлекувајќи торбари и цицачи што Абориџините потоа можат да ги ловат.
„Тивкото палење ја обновува земјата и го подобрува биодиверзитетот – пепелта е ѓубриво, а калиумот поттикнува цветање. Тоа е сложен циклус заснован на културно, духовно и научно знаење. Тие, исто така создаваат еколошки мозаици“, вели Фостер и додава дека тоа може да доведе до корисни микроклими.
Според неа мекото палење го стимулира дождот – ја затоплува околината до одредено атмосферско ниво, а штом тие се топли и ладни, се појавува кондензација – дожд – што помага во потиснување на пожарите.
Нејзините абориџински старешини во Сиднеј веќе некое време ги проценуваат растенијата што никнуваат и екстремно сувите гранчиња и предупредуваат дека доаѓа огромен пожар. Но, кога тие барале дозвола локалните власти им го забраниле културолошкото палење.
По катастрофалните шумски пожари Австралија сега се бори со временски екстреми од друг вид.
Од громови и поројни дождови погодени беа делови од источниот брег на Австралија, а поради поплавите затворени се одредени главни патни правци.
Австралиските држави Викторија, Нов Јужен Велс и Квинсленд, кои најмногу беа погодени од сушата и пожарите сега се справуваат со поплави предизвикани од поројните дождови.
Во Квинсленд затворени се патишта, како и многу паркови и туристички атракции. Додека невремето во делови од Нов Јужен Велс предизвика прекин во снабдувањето со електрична енергија, а противпожарната служба соопшти дека поројниот дожд помогнал да се стават под контрола 75 пожари. Во одделни области наврнале до 33 сантиметри дожд, а метеоролозите предупредуваат од нагли поплави. На брегот јужно од Бризбејн две лица морале да бидат спасувани од надојдувачката вода.
Дожд наврна колку за еден месец, предизвика поплави кои не се забележани во изминатиов век.
Во исто време во делови од Австралија, каде не врне дожд, сè уште се активни 100 пожари во кои загинаа 29 луѓе, уништени се повеќе од 2.500 домови, а опожарена е површина колку Германија.
Во Викторија сè уште горат десетина пожари, но е анулирана наредбата за евакуација на жителите во планинскиот предел. И во таа сојузна држава дождот помогна во гаснење на пожарите, но се создаде густ чад.