Советот на Општина Карпош на вонредна седница го усвои Деталниот урбанистички план Градска четврт 3 04, блок З 04.05, односно за просторот кај СЦ „Борис Трајковски“.
Планот е донесен еден ден пред судското рочиште на кое требаше да се соопшти пресудата, со која Општина Карпош ќе требаше да плати милионска сума евра на тужителот „Пуцко петрол“.
За донесување на планот гласаа советниците од СДСМ, кои претходно бараа да се свика вонредна седница и итно да се донесе овој ДУП, како и советниците од ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ. Против беа советниците од „Независни за Карпош – За Заштита на Карпош“ и од Левица.
Општината беше тужена поради тоа што Уставниот суд го поништи претходниот план, со кои на тужителот му била нанесена штета. Деталниот урбанистички план што е денеска усвоен, беше презентиран пред граѓаните минатото лето и во него, исто како и во претходниот, е вцртан простор за изградба на бензиска пумпа покрај булеварот 8 Септември.
ДУП-от е со плански опфат од 4.88 хектари и се протега од север и запад по оска на новопланираните сервисни улици „С3″ и „С4″, од југ по оската на новопланираната улица „С1″ и од исток, по должина на градската магистрала булевар „8. Септември”.
Според ДУП-от, се предвидува намена на просторот за комерцијални и деловни објекти, зеленило и рекреација, инфраструктура и сообраќајници, спортски базени и пливалишта, хали за повеќе спортови, дрвореди, украсно и заштитно урбано зеленило, пешачки простори, примарни и секундарни улични мрежи, како и бензински пумпи.
Советниците од „Независни за Карпош – За Заштита на Карпош“ постојано апелираат дека едно е да се носи ДУП заради содржини од интерес на жителите на општината, а друго е да се носи ДУП во интерес на приватен капитал.
Тие велат не за ДУП З 04 блок 05 затоа што бензинска пумпа не смее да има. Ниту има потреба ниту пак смее да има во заштитна зона на бунарски систем, ниту пак во близина на гасоводна траса. “Улица која би била сервисна за соседниот блок од згради не треба да има затоа што не требаат ни тие згради. Дали би била тука или во друг блок е споредно во однос на потребата за неа. Не за начинот на кој се турка овој ДУП. Тој е срамен и поразувачки“, нагласуваат од „Независни за Карпош – За Заштита на Карпош“.