Градот Карловац е прв во Хрватска и меѓу првите во Европската унија кој во соработка со Регионалната енергетска агенција на Северозападна Хрватска (REGEA), усвои просторен план кој го трасира патот еден од неговите квартови да биде одржлив, енергетски ефикасен и отпорен на климатски промени. Инаку, Карловац е еден од градовите во хрватска кои предничат во енергетската транзиција.
REGEA е еден од партнерите во Interreg Europe проектот LC Districts, со цел измена на одреден стратешки документ во насока ан декарбонизација на градските квартови. Идејата била да се искористат енергетските и климатски елементи во просторните планови. REGEA истакнува дека во градовите во северозападна Хрватска ги препознала просторните планови како еден од клучните документи кои можат да бидат двигател или кочница на декарбонизацијата на градовите. Просторните планови се во рацете на локалните и регионалните власти и може да се сметаат за алатка за поттикнување на енергетската транзиција. REGEA ги направила сите потребни анализи и предложила начин на вклучување на мерките од Акцискиот план за одржлив развој и климатски промени (SECAP) на Град Карловац во просторниот план.
Резултат од процесот во кој учествувале градските власти, комуналните служби, снабдувачите со енергија, невладини организации, академската заедница и граѓаните, бил просторен план одобрен од Градскиот совет, кој претставува пат кон одржливост и отпорност на еден кварт на климатските промени. Некои од клучните делови на планот се целосна забрана на фосилни горива за потребите на греењето (не е предвидена мрежа за природен гас), енергијата за греење да се добива преку системот за централно греење или топлински пумпи, повисоки стандарди за користење на обновливите извори на енергија во споредба со националните, решенија базирани на природата во врска со адаптацијата на климатските промени. Агенцијата истакнува дека прифаќањето на овој пат е храбра политичка одлука бидејќи тоа значи остра промена на досега воспоставената пракса. Во подготовката на планот е користен увид во добрата пракса од Шведска, Италија, Шпанија и Чешка, со кои REGEA се запознала во текот на проектот LC Districts. Истовремено, се вели дека Карловац ќе послужи како пример за декарбонизација и на останатите градски квартови во Хрватска.